Последните најави од Фондот за здравствено осигурување се дека веќе се пристигнати првите дози биолошка терапија за онколошките пациенти кои се лекуваат со тие лекови. Дел од пациентите, сепак, и натаму чекаат. Пред Онкологија наидовме на таква пациентка која ни кажа дека примила само хемотерапија и дека не знае кога ќе ја добие биолошката. Стравува за себе што терапијата и доцни
Директорот на клиниката Игор Стојковски тврди дека доцнењето со биолошката терапија не значи директно загрозување на животот, како во интензивна нега, но дека може индиректно да доведе до влошување на состојбата на пациентите
Во редовите подолу, на едно место, се ставовите кои ги собравме од одговорните – што е биолошка терапија во онкологијата, како е се набавува, зошто ја снемува и зошто овојпат кризата се решава на начинот на кој се решава
Вообичаени гужви на Клиниката за онкологија и радиотерапија во Скопје. Се чека, но се завршува работа, велат дел од пациентите што ги затекнавме таму. На поголемиот дел од нив важно им е што нивната терапија ја има и можат редовно да ја примаат. А освен лековите, важно е да се задржи и позитивниот дух.
„Примаме хемотерапија, зрачење имав, се е во ред.
–Што мислите генерално за тие пациенти кои во моментов немаат терапија?
Епа сега, тоа нека мислат тие што се тука на власт, ние што можеме да помогнеме? Само позитивно. Тука колку и да идеме и што и да ни даваат, ако не си позитивен, ако сам не си даваш, ништо нема срце“,
вели пациентка.
„Има, има. Она што ја прима терапијата ја има.
-А околу ситуацијата со недостаток на терапија?
Е тоа не знам, тоа не можеме да кажеме ние. Си има тука одговорни што знаат како одат работите и како ги набавуваат,“
вели граѓанин.
„Имаше лани летото две сестри само, полни кревети. Капацитет, трчаат , работат, на сите им ставаат игли, после дваат инфузија, кој сака нека зборува лошо.
–Ако нема лекови да речеме, во таква ситуација…
Ако нема лекови, тоа е од што ние не даваме пари, а не дека докторот не дава лекови“,
порача пациент на Клиниката за онкологија.

Сите овие пациенти беа или на контроли или примаа хемотерапија која не е дефицитарна. Но, меѓу нив, наидовме и на пациенти што примаат биолошка терапија. Станува збор за посебна група лекови кои со значителен успех напаѓаат само одреден тип карциноми и тоа во зависност од пациентот.
„Сега првпат не добивам, терминот за денеска ми е и нема.
–Знаевте дека нема?
Знаевме, само хемотерапијата ќе ја примам.
–Се чувствувате во неизвесност некаква, мислите дека може тоа да влијае на здравјето?
Како да ви кажам, може ли да не се сомневаш дека ќе влијае?“,
вели пациентка која треба да прима биолошка терапија.
Како одложувањето на биолошката терапија влијае врз здравствената состојба на пациeнтите? Објаснување побаравме од директорот на Клиниката за онкологија Игор Стојковски.

Вели, станува збор за педесетина пациенти кои деновиве добиваа само хемотерапија, а како што стигнуваат лековите за биолошката, ќе бидат повикувани да ја комплетираат терапијата.
„Во некои состојби се дава како дополнение на стандардната терапија, се дава во форма кога има неуспех, кога има на првата линија, на втората линија, се дава во превентивна да речеме некогаш јувантна индикација. Одредувањето кој пациент ќе биде вклучен е по строго утврдени критериуми што се базираат на медицина базирана на докази, тоа се во светот има многу биолошка терапија од различни производители, различни молекули, кај нас имаме одредени молекули кои се одобрени и регистрирани во земјата.
–Дали може пациентот да се доведе во животозагрозувачка состојба ако не ја добива?
Таа може да биде индиректно животозагрозувачка бидејќи онкологијата во некои случаи може да биде, да речеме терапијата што се прима да биде превентивна за да не се доведе до некој настан, не може да зборуваме за директно загрозување на животот како во интензивна нега, но може индиректно да доведе до влошување на состојбата“,
објаснува Игор Стојковски, директор на Клиниката за онкологија.
Зошто снемува биолошка терапија? Одговорот е различен зависно кого прашувате. Според директорот на Фондот за здравствено осигуравање, Сашо Клековски, проблемот е во лошото менаџирање на Клиниката за онкологија. Поточно, болницата нема прецизни бројки колкави количини им требаат, а станува збор за многу скапи лекови.
„Имаме една единствена ситуација на Онкологија, дека ги прифаќаат сите пациенти, а на другите клиники се прифаќаат толку пациенти колку што има терапија. Другите пациенти се снабдуваат приватно или на друг начин и е различен бројот на пациенти. Со ретки болести имаме околу 300 пациенти, мултуплекссклероза околу 200-250 пациенти, значи овде зборувамеме за околу 5 300 пациенти“,
вели Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување.

Но, директорот на Клиниката за онкологија има свое објаснување. Стојковски тврди – проблемот е повеќедимензионален. Според него, и сега и претходно се појавува недостаток затоа што тешко се предвидува колку нови пациенти може да се дијагностицираат со рак, а на кои биолошката терапија ќе им го продолжи животот.
„Има состојби кога не може да се предвиди недостатокот бидејќи има забрзано трошење, имаме зголемен број на пациенти и потребите се зголемуваат и многу тешко да се направи предикција. Дали можело да се предвиди – многу тешко бидејќи според постоечките пациенти секогаш имаме „билд ап“ на пациенти, односно зголемување на бројот на пациенти. Имаме случај каде пациентот ќе почне со терапија, ќе се иницира во друга институција или надвор од земјава и ние тој пациент ни доаѓа како дополнителен на онколошкиот конзилиум и неетички е сметам да не се вклучи во биолошка терапија“,
вели Стојковски.
И во минатото и сега, биолошка терапија на годишно ниво купува клиниката, на тендер. Ако се случи набавената количина да се потроши порано, Клиниката го покриваше недостатокот преку реверс. Односно, лекот се позајмуваше од веледрогеријата увозник за потоа таа количина да влезе во тендерот за следната година.

Директорот на Фондот, Сашо Клековски, е дециден – тоа не смее да се повтори во никој случај бидејќи однапред се претпоставува кој ќе го добие следниот тендер.
„Во основа, треба подобрување на целиот процес – на планирање, од регистар на пациенти, нивно следење, планирање на потребните количини до преминување на повеќегодишни планирања. Сега се преклопуваат повеќе работи. Една е дека преминуваме од една во друга буџетска година, а другата е дека преминуваме од незаконски форми на работење во законско. Претходно вакви проблеми се решавале со позајмување лекови од веледрогериите, што е незаконски и ги прејудуцура исходите на јавните набавки. Првиот чекор е битно зголемување на буџетот за посебно скапи лекови, бидејќи на крај во сето ова позади е дека нема доволно финансии, нема доволен буџет за ова. Значи ние за 2025 планираме да го зголемиме буџетот за посебно скапите лекови за 40-50% меѓутоа и тоа ќе биде недоволно ако не се решат другите работи, значи мора да се постапува во повеќе подрачја“,
порачува Клековски.
Еден од проблемите во набавката на биолошката терапија, и според Клековски, но особено според негови сопартијци, се веледрогериите кои се официјални застапници на таквите лекови. Особено на тапет е „Пановски“.
„Онкологија и државата се заложници на оваа веледрогерија со огромни профити, која креира вештачки кризи секоја година“,
кажа Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
Компанијата возрати дека не се политичка партија, туку компанија во која има и швајцарски и капитал од ЕУ. Го осудија, како што го нарекоа, говорот на омраза против нив и посочија дека формирањето на цените на лековите законски е во надлежност на Министерството за здравство уште од 2007 година.
„Зад квалификациите дека „Д-р Пановски“ е омилена партиска веледрогерија всушност се кријат бизнис интереси со цел да се наместат нови доставувачи на лекови и медицински материјали и опрема“,
порачаа од веледрогеријата „Д-р Пановски“.

И додека партијата го напаѓа „Пановски“ од говорница…
„Ова е јавно достапен документ од 11 декември минатата година – договор меѓу Клиниката за онкологија и ‘Пановски’, вреден 2,3 милиони евра, и тоа токму за лекови за билошка терапија, такви какви што моментално нема. Кога зборувате за омилена веледрогерија, ‘Пановски,’ како тогаш и вашиот директор повторно склучил милионски договор со ‘Пановски’ за набавка на лекови?
Мицкоски: Точно. И претпоставувам во иднина ќе има такви договори. Затоа што таа веледогерија соработува со светска компанија која е производител на дел од тие лекови коишто се аплицираат на пациентите. И природно е во иднина истата веледрогерија, се додека соработува со таа светска компанија, да не го кажувам името, станува збор за една од врвните пет компании во светот, кога ќе има јавни набавки, претпоставувам, да се јавува и да добива, но разликата е што сега повеќе нема реверси. Разликата е што сега има јасна контрола на вијалите кои се аплицираат – каде, колку и на кои пациенти се аплицираат“,
кажа премиерот Мицкоски.
Нема реверс, но има анекс-договор со истата компанија за да се донесе лекот кој недостасува. Овојпат тоа беше соломонското решение, заедно со донации.

За пациентите тоа не е трајно решение. Во неизвесност се – дали повторно ќе недостасуваат лекови. Од здружението „Хема-онко“ бараат зголемен буџет и ажурирање на позитивната листа.
„Ние како пациенти сметаме дека доколку дел од тие лекови се стават на позитивната листа ќе се поедностави на пацинетите во случај како овој, да можете вие да си ја набавите таа терапија и потоа да ја рефундирате. Доколку Онкологија обезбеди терапија и ние немаме потреба да ја набавуваме терапијата и тоа е решeние. Меѓутоа, сепак, сметаме дека префрлањето на одредена терапија на позитивната листа, ќе отвори еден пат за понатаму да на овие условни буџети донесеме уште пососвремена терапија со текот на времето бидејќи медицината оди напред и од година во година има се подобри лекови коишто се надеваме дека во скоро време ќе ги имаме достапни во Македонија“,
вели Ана Марјановиќ од здружението „Хема-онко“.