Економија

ПОРАСТ НА НЕВРАБОТЕНОСТА ВО САД, Џером Пауел предупредува на зголемување на инфлацијата по царините на Трамп

05.04.2025

Новите царини на американскиот претседател Доналд Трамп веројатно ќе доведат до повисока инфлација и побавен раст, а Федералните резерви на САД ќе се фокусираат на привремено задржување на зголемувањето на цените, изјави денеска претседателот на Федералните резерви на САД, Џером Пауел.

Пауел рече дека царините и нивното веројатно влијание врз економијата и инфлацијата се „значително поголеми од очекуваното“.

Тој рече дека увозните такси ќе доведат до привремен пораст на инфлацијата, но додаде дека „исто така е можно ефектите да бидат потрајни“.

-Наша обврска е да обезбедиме еднократното зголемување на нивото на цените да не стане тековен проблем на инфлацијата, рече Пауел.

Фокусот на Пауел на инфлацијата сугерира дека Централната банка најверојатно и во следните месеци ќе ја задржи референтната каматна стапка непроменета на околу 4,3 проценти.

Во меѓувреме, инвеститорите сега очекуваат пет намалувања на каматните стапки оваа година, бројка што се зголеми откако Трамп ги објави царините.

Пауел, исто така, нагласи дека целосното влијание на царините  врз економијата сè уште не е јасно, а Централната банка најверојатно ќе остане на страна.

Трамп го повика Пауел да ги намали каматните стапки, наведувајќи ја пониската инфлација и цените на енергијата.

„Ова би било совршено време Џером Пауел да ги намали каматните стапки. Намалете ги каматните стапки и престанете да се занимавате со политика“, напиша Трамп на социјалната мрежа True Social.

Економистите очекуваат царините да ја ослабат економијата, можеби да го загрозат вработувањето и да ги зголемат цените.

Американската економија во март создала 228.000 работни места, значително повеќе од очекуваните 130.000 и речиси двојно повеќе од ревидираните 117.000 за февруари. Набљудувачите сметаат  дека порастот е резултат на економското закрепнување по шумските пожари и невремето во западниот и централиот дел на земјата, катастрофи што го забавија растот.

Во март, стапката на невработеност се зголеми од 4,1 на 4,2 отсто, делумно поради појавата на нови лица на пазарот на труд, се наведува во денешниот извештај на Бирото за труд.

Економистката Дејна Петерсон во изјава за „Си-Ен-Ен“ предупреди дека ова може да биде „затишје пред бура“, а поради новите царини воведени од администрацијата на Трамп. Таа вели дека тарифите би можеле да предизвикаат стагфлација – комбинација од слаб економски раст, повисока инфлација и раст на невработеноста.

Првиот човек на Федералните резери, Џером Пауел,  изјави дека е премногу рано да се донесуваат одлуки за каматните стапки, по стравувањата од ценовни шокови поради тарифите.


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО