Тренерот на Интер , Симоне Инзаги, не може да не биде горд на својот тим, кој му го нанесе првиот пораз на Баерн Минхен на домашен терен во Лигата на шампионите по 4 години. „Нероаѕурите“ победија со 2-1 на „Алијанц Арена“, но Инзаги е свесен дека реваншот нема да биде лесен.
„Без сомнение, момците заслужуваат пофалби. Резултатот е одличен, но би ја истакнал нашата игра. Знаеме дека ова беше само првото полувреме. Баерн е многу силен тим, но покажавме одлучност, храброст и агресивност, што ни помогна да дојдеме до предност. Среќни сме со резултатот. Мислам дека Баерн победи на 23 од претходните 27 натпревари во Лигата на шампионите на домашен терен, а на другите четири ремизираше, така што постигнавме нешто импресивно. Го игравме нашиот фудбал, начинот на кој го постигнавме победничкиот гол покажува колку веруваме во сопствениот фудбал и во принципите кои ги создаваме скоро 4 години. Но, тоа нема да значи ништо ако не го направиме тоа во реваншот на Сан Сиро“, рече Инзаги.
Од друга страна Винсен Компани беше разочаран од поразот од Интер, во првиот меч. Баварците немаа пораз цели четири години во ЛШ, а тој истакна дека неговите избраници заслужиле подобар резултат.
„Започнавме добро, доминиравме во првите 30 минути и можевме да постигне 1-2 гола. На крајот загубивме, иако игравме добро. Едноставно така се разви мечот. Интер е силен тим, не сакам да зборувам за нашите проблеми со составот. Гереиро игра на позицијата на Мусиала. Не му дадовме многу шанси на противникот, можеби треба да бидеме подобри во задржување на топката. Многу од фудбалерите играа добро, иако резултатот не е добар. Сепак, таквата игра ни дава надеж пред реваншот“, рече Компани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА