Со контролинг до брзи и точни анализи за подобро донесување одлуки

„Оптимизација на ресурси: како Рубиковата коцка го одразува контролниот процес“ (Resource Optimization: How the Rubik’s Cube Reflects the Controlling Process) беше темата на V-та Меѓународна Контролинг Конференција под покровителство на ICV, која што се одржа денеска. Настанот беше во организација на компанијата „Контролинг бизнис центар“

Во сè покомплексна економска реалност, компаниите се под притисок да ги користат своите ресурси попаметно, побрзо и поефикасно. Клучот за тоа не се наоѓа само во аналитиката – туку во стратегискиот контролинг, кој ги поврзува сите делови на организацијата во еден кохезивен систем.

Контролингот е повеќе од анализа на бројки, тоа  е уметност на оптимизацијата и стратешкото управување, процес кој ги усогласува сите делови на една компанија за да функционира како совршено организиран систем. Како што секој дел на Рубиковата коцка мора да се усогласи за да се постигне совршен баланс, така и контролинот бара правилна координација на податоците, ресурсите, лидерството и стратегиите за да се донесуваат најдобри одлуки.

Конференцијата обедини врвни експерти, менаџери и контролери од различни индустрии, со цел размена на знаење, искуства и најдобри практики. Свое обраќање имаше и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Елизабета Чингаровска, финансиски и коорпоративен директор, член на Управен одбор на Зегин групацијата, еден од говорниците на настанот, посочи дека компаниите што успеваат да синхронизираат раст, иновации и финансиска дисциплина создаваат одржливи модели на развој.

„Контролингот и бизнис интелигенцијата (BI) играат клучна улога во процесот, овозможувајќи брзи и точни анализи за подобро донесување одлуки. Технологијата повеќе не е опција – таа е основа за успешно водење бизнис во модерната економија. Горда сум што сум дел од компанија која вложува во технологија и иновации, создавајќи можности за раст и развој. Предизвик е да се работи во средина која постојано се адаптира и инвестира во иднината“.