Филипче: Платите растеа со СДСМ, денес растат само цените – ВМРО-ДПМНЕ го уништи стандардот


Во време на неконтролиран раст на цените и економска неизвесност, Владата на ВМРО-ДПМНЕ го запре единствениот механизам што можеше да им помогне на граѓаните – континуираниот раст на платите. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Радио Слободна Европа потсети дека во време на најголемите економски и енергетски кризи, Владата на СДСМ не само што не дозволи граѓаните да ја осетат инфлацијата во полн размер, туку континуирано го зголемуваше стандардот.

„И во најголемите кризи воспоставивме систем во којшто континуирано растеа платите. Минималната плата се зголеми трипати, просечната плата порасна двојно, ја надминавме границата од 500 евра и стигнавме на над 600 евра, односно околу 40.000 денари. Сега, Владата на ВМРО-ДПМНЕ прва и најбрутално го запре тој раст на платите“, изјави Филипче.

Според него, разликата е очигледна. Додека во време на СДСМ граѓаните добиваа поголеми плати и пензии, денес се соочуваат со поскапувања што не се проследени со никаква финансиска заштита. Владата најавуваше дека ќе го спречи растот на цените, но наместо тоа, дозволи основните производи во Македонија да станат поскапи дури и од оние во соседните земји. Истовремено, растот на платите е целосно запрен, што значи дека граѓаните денес можат да си дозволат многу помалку одошто пред една година.

„Најавуваа мерки, најавуваа дека ќе го стабилизираат пазарот, но што направија? Дозволија огромни поскапувања, а во исто време го запреа растот на платите. Тоа е рецепт за економска катастрофа“, предупреди Филипче.

Тој потсети дека за време на владата на СДСМ, дури и во најголемата криза со Ковид, државата ги амортизираше ценовните шокови, го спречи енормното зголемување на трошоците за живот и им помогна на најзагрозените. Денес, според него, ВМРО-ДПМНЕ молчи, не реагира и дозволува профитерството да го преземе пазарот, додека граѓаните се оставени сами на себе.
„Сега цените растат неконтролирано, а Владата на ВМРО-ДПМНЕ нема одговор. Единственото нешто што го направија е да го сопрат растот на платите, што е срамно и неодговорно кон граѓаните“, заклучи Филипче.

Зачлени се на нашиот е-билтен