Францускиот суд ќе одлучи за случајот на Национален собир пред претседателските избори

Судот во Париз објави во вторникот дека досега се поднесени три жалби во случајот против крајно десната партија Национален собир (RN) поради кој на поранешната челничка Марин Ле Пен и е забрането политичко дејствување на пет години, но не изнесе поединости за тоа кој ги поднел.

Апелацискиот суд во соопштението вели дека ќе донесе одлука за жалбите во летото 2026 година, пред претседателските избори во 2027 година, што секако ќе има влијание врз начинот на кој Националниот собир ќе ја води кампањата.

Понискиот суд во понеделникот на Ле Пен и дваесеттина лица од партијата ги прогласи виновни за незаконско пренасочување на парите од Европскиот парламент доделени за нејзините асистенти во оваа институција на членови на партијата. Судот ѝ одреди петгодишна забрана за извршување јавни должности, што ќе ја оневозможи да се кандидира за изборите во 2027 година, освен доколку пред тоа не успее да ја поништи пресудата во жалбена постапка.

Судиите на Ле Пен, исто така, и одредија затворска казна од четири години за проневера на 2,9 милиони евра, од кои две години условни и две години во куќен притвор, како и парична казна од 100.000 евра.

Судијата кој ја објави судската пресуда, Бенедикт де Пертиус, изјави дека Ле Пен била „мозокот на шемата“ за проневера на средствата на ЕУ.  Де Пертиус рече и дека недостигот од каење покажал дека Ле Пен и другите обвинети го поттикнале судот да и забрани кандидирање за должности и тоа со „моментален ефект“.

Адвокатот на Ле Пен и самата таа во понеделникот изјавија дека ќе се жалат на пресудата, но досега не е јасно дали тоа веќе го сторила. Жалбените постапки во Франција вообичаено траат со месеци или дури со години, потсетува Reuters.

 

Јавното мнение

Пресудата претставува голема пречка за основачката на Национален собир, настаната со реформирањето на крајно десната Национален фронт и ублажувањето на репутацијата на оваа партија, и во анкетите е најсилната кандидатка за претседателските избори во 2027 година, Пратеничката група на партијата во францускиот парламент во овој состав е поединечно најголемата.

Приврзаниците и сојузниците на Ле Пен, од западноевропските престолнини до Вашингтон, ја обвинија актуелната власт во Франција дека преку контролираното судство е пристрасна и недемократска, а претседателот на партијата Жордан Бардела ги повика Французите на протест против пресудата во недела.

Многу младиот Бардела би можел дефакто да стане кандидат на Националниот собир за претседателските избори по две години. Ле Пен во синоќешното интервју за TVF 1 го пофали, но истовремено порача дека ќе се бори докрај против пресудата.

Испитувањето на јавното мнение на институтот Elabe за телевизијата BFMTV покажува дека за мнозинство од испитаниците, односно 57 отсто, пресудата е нормална во однос на обвинувањето, додека 42 отсто сметаат дека е политички мотивирана и пристрасна.

Центристичкиот премиер Франсоа Беиру изјави во парламентот дека ја поддржува пресудата, но и дека има прашања во врска со „моменталната забрана“ за учество на изборите за Ле Пен.

„Секоја казнена одлука со сериозни последици би требало да биде подложна на жалба“, истакна Беиру.

Претседателот Емануел Макрон, кој со помош на сите останати партии во Франција и од десницата и од левицата ја победи Ле Пен дури во вторите кругови на изборите во 2017 и 2022 година, јавно не ја коментираше пресудата.