Претставата "Мац, мац" премиерно на 24 април во Велешкиот театар

25 април 2024

Премиерата на претставата "Мац,мац" во режија и кореографија на Филип Петковски и ко-продукција на Пресврт, Театар "Ј.Х.К. Џинот"- Велес, како и германскиот Гете институт ќе се случи на 26 април во Велешкиот театар.

Инспирирана од "Мачка на вжештен лимен покрив" на Тенеси Вилијамс, оваа претстава се служи со главното дејство на драмата само како појдовна точка, но се стреми дополнително да ги развие приказните, ликовите и скриените пораки кои авторот само накусо ги споменува во своето дело.

Во текстот на Вилијамс, Меги "мачката", му се заканува на својот сопруг Брик, дека ќе скокне од покривот, доколку тој продолжи да ја игнорира нејзината љубов за него.

Во ова видување, на Меги ѝ се придружува целата фамилија на жешкиот лимен покрив и тие свесно решаваат да се изгорат, бидејќи ако скокнат од покривот, ќе паднат помеѓу "обичните" луѓе од коишто всушност, се плашат.

Опседнати со нивниот изглед, социјален статус и богатство, тие секојдневно ги слават нивните навидум совршени животи, барајќи удобност во дрогата и алкохолот за да ја надминат грдотијата на светот во кој живеат.

Додека континуирано танцуваат за да ја скријат својата болка, ги согледуваме нивните испреплетени врски. Иако "Љубопитноста ја убила мачката", како што гласи англиската изрека, сепак, не е сѐ така како што изгледа, бидејќи мачките се познати и по тоа што имаат девет животи.

Музика: Мориц Вернер (Германија)
Сценографија: Дардан Жегрова (Косово) и Филип Петковски
Костимографија: Антонија Гугинска Јорданоска и Гордана Божиновска
Монтажа: Борјан Стојков
Извршни продуценти: Филип Петковски, Мориц Вернер, Дардан Жегрова и Стефани Шаршмидт

Проектот е финансиран од Интернационалниот фонд за копродукција (Internationaler Koproduktionsfonds) на Гете институтот и Министерството за култура на Северна Македонија.

 

Објавено:
25 април 2024
Категорија: 
Култура