Свет
Американски турист вознемирувал домородци во Индискиот Океан, приведен е

Дваесет и четиригодишен американски турист е уапсен откако се обидел да воспостави контакт со изолирано домородно племе на Северен Сентинел, ограничена област во Индискиот Океан.
Хуманитарната организација „Срвајвал интернешнал“ предупредува дека овие акции на влијателите на социјалните мрежи претставуваат нова и растечка закана за непознатите племиња.
Михаило Викторович Полјаков, наводно, дошол на брегот на островот, оставил лименка Кока-Кола и кокос, ја снимил посетата со камера и на крајот се обидел да го привлече вниманието на припадниците на племето со свирежи, пренесе АФП, повикувајќи се на локалната полиција.
Северен Сентинел е дел од Андаманските и Никобарските Острови, кои припаѓаат на Индија. Поради заштита на племињата кои живеат таму, строго е забрането да се приближува на островот на помалку од 5 километри. Сентинелезите се едно од последните познати племиња кои живеат целосно изолирани, без контакт со современиот свет.
Наводно, Пољаков двапати претходно се обидел да стигне до островот. Минатиот октомври тој бил запрен од хотелот додека се обидувал да пристапи до островот со кајак. Оваа недела тој конечно е фатен и изведен пред локалниот суд, кој му одреди тридневен притвор за вознемирување на племето.
Според снимките од неговата „ГоПро“ камера, Полјаков свиркал од брегот околу еден час за да го привлече вниманието на припадниците на племето, а потоа влегол на островот околу пет минути. За тоа време оставил подароци, земал примероци од островот и снимил видео.
Портпаролот на „Срвајвал Интернешнал“, Џонатан Мазовер изјави за Би-Би-Си дека таквите обиди не само што ги загрозуваат животите на љубопитните луѓе, туку и животите на членовите на племето.
„Сентинелите со години јасно покажуваат дека не сакаат контакт со надворешниот свет. Нивниот имунолошки систем не е подготвен за болести кои ненамерно би можеле да им ги пренесеме. Една настинка може да биде фатална за нив“, вели Мазовер.
„Срваајвал интернешнал“ предупредува дека социјалните медиуми уште повеќе ја влошуваат ситуацијата бидејќи се повеќе инфлуенсери се обидуваат да добијат „ексклузивна“ содржина за прегледи и лајкови.
„Покрај веќе познатите закани како што се уништувањето на шумите и рудниците во Амазон, сега имаме се повеќе влијателни лица кои сакаат да прават вакви работи поради популарноста. Тоа станува еден вид опсесија на социјалните мрежи“, вели Мазовер.
Според достапните податоци, Сентинелезите се ловци-собирачи, живеат во мали заедници и се во одлична физичка кондиција. Тие се сметаат за најизолираните домородни луѓе во светот, а се проценува дека ги има околу 200, иако точната бројка не е позната.
Ова не е прв пат некој да се обиде да воспостави контакт со Сентинеленците. Во ноември 2018 година, американскиот мисионер Џон Ален Чау беше застрелан и убиен веднаш штом пристигна на островот. Тогашните истраги покажале дека тој им платил на локалните рибари за илегално да го превезат таму.
Американската амбасада соопшти дека е запознаена со инцидентот и ја следи ситуацијата. Индија има национална програма за заштита на племенските заедници, но во последниве години беше критикувана за слабо спроведување на заштитните мерки и принудното раселување на домородните групи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп: Иран мора да се откаже од нуклеарното оружје или да се соочи со воен одговор

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави денес дека Иран мора да се откаже од каква било потрага по нуклеарно оружје или да се соочи со можен американски воен удар врз неговите нуклеарни постројки. Трамп им рече на новинарите дека мисли дека Иран намерно го одложува нуклеарниот договор, а неговата изјава уследи по состанокот меѓу специјалниот претставник на САД Стив Виткоф и иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи во Оман во саботата, објави Ројтерс.
И САД и Иран објавија по разговорите во Оман дека разговорите биле „позитивни“ и „конструктивни“. „Иран мора да се ослободи од концептот на нуклеарно оружје. Тие не можат да имаат нуклеарно оружје“, рече Трамп.
На прашањето дали опциите за одговор на САД вклучуваат воен удар врз нуклеарните постројки на Техеран, Трамп одговори дека „секако“ вклучуваат. Трамп предупреди дека Иранците треба да постигнат брз напредок во преговорите, со цел да избегнат остар одговор од САД, бидејќи се „прилично блиску“ до развој на нуклеарно оружје.
САД и Иран водеа индиректни разговори за време на мандатот на поранешниот американски претседател Џо Бајден, но овие разговори не резултираа со голем напредок.
Последните познати директни преговори меѓу владите на двете земји се одржаа за време на тогашниот американски претседател Барак Обама, кој го водеше меѓународниот нуклеарен договор од 2015 година, а кој Трамп го напушти подоцна во својот прв мандат, пренесува Танјуг.
Свет
(Видео) Кети Пери, свршеницата на Безос и уште четири жени се вратија на Земјата од вселената

Капсулата со шестчлениот екипаж успешно слета на земја во Западен Тексас, по краткиот, но историски вселенски лет организиран од „Блу Ориџин“. Летот траеше малку повеќе од 10 минути.
По слетувањето, екипажот беше виден како мавта од капсулата, а одвнатре се слушнаа извици.
Екипажот го сочинуваа новинарката Гејл Кинг, пејачката Кети Пери, свршеницата на Џеф Безос, Лорен Санчез, филмската продуцентка Кариана Флин, поранешната ракетна научничка на НАСА, Ајша Боу, и активистката Аманда Нгуен.
Katy Perry lands safely and kisses the ground after Blue Origin space trip.
She sang "What a Wonderful World" while in the space capsule. pic.twitter.com/1tdQ4FVvzL
— Rolling Stone (@RollingStone) April 14, 2025
Летот започна во 15:31 часот по локално време кога ракетата „Њу Шепард“ полета од пустината во Тексас, носејќи целосно женски екипаж во суборбитален лет. Кратко по лансирањето, ракетниот бустер успешно се врати на Земјата и слета вертикално, што е уште една потврда за успехот на технологијата „Блу Ориџин“, пренесуваат светските агенции.
За време на летот, капсулата достигна брзина од 2.300 милји на час, што е три пати побрзо од брзината на звукот, а потоа го премина работ на вселената. Во тој момент, екипажот успеа да ги откопча безбедносните појаси и да доживее бестежинска состојба.
Ракетата слета безбедно, а враќањето на капсулата со екипажот го означи успешното завршување на мисијата.
Свет
Силен земјотрес ја погоди Калифорнија

Земјотрес со интензитет од 5,2 степени според Рихтеровата скала го погоди подрачјето јужно од Лос Анџелес, во понеделник наутро по локално време, соопшти Националниот информативен центар за земјотреси (NEIC) на Американскиот геолошки завод (USGS).
Земјотресот се случил во 17:08 часот UTC, а неговиот епицентар бил на 33,04° северна географска ширина и 116,57° западна географска должина, со длабочина од 10 километри.
Епицентарот се наоѓа во многу сеизмички активна област на границата на Пацифичките и Северноамериканските тектонски плочи. Ова подрачје е познато по честите потреси на земјата, а овие земјотреси со среден интензитет може да се почувствуваат на пошироко подрачје, особено ако се плитки, како што е случајот овде.
Според првичните проценки, земјотресот бил почувствуван во широка област што вклучува градови како Лос Анџелес, Сан Диего, Тихуана а потенцијално и делови од Аризона. Околу 32 милиони луѓе живеат во пошироката област.
Нема извештаи за сериозна материјална штета или повредени, но граѓаните на социјалните мрежи објавија дека почувствувале краток, но силен потрес, кој на некои места предизвикал паѓање на мали предмети и го вознемирил населението.