• Мартин Танасковски
Екипата на Баер Леверкузен сезоната како што изгледа ќе ја заврши само со еден утешен трофеј, оној на стартот во Суперкупот, затоа што испадна од Купот на Германија и тоа од третолигаш.
Џелат на „фармацевтите“ на Чаби Алонсо беше екипата на Арминија Билефелд, која игра сезона од соништата кога се говори за ДФБ Купот. Тимот славеше на домашен терен со 2-1 и така елиминира уште еден бундеслигаш, по Унион Берлин, Фрајбург и Вердер Бремен.
А, не изгледаше дека Арминија ќе направи таква сензација, затоа што уште во 17. минута Тах го донесе Баер Леверкузен до предност. Гостите држеа позитива се до 20. минута кога Ворл израмни на 1-1, а пред финишот на првиот дел Гросер погоди за пресврт. Во вториот дел Леверкузен беше анемичен, имаше само еден шут во рамки на голот на ривалот. Така, сензацијата беше комплетирана.
Арминија во Купот на Германија во финалето ќе игра со Штутгарт или со РБ Лајпциг.