Општество
Трагедијата е огромна, одговорност мора да има
Драган Тилев | Авторот е поранешен државен советник за европски прашања
Економија и бизнис | печатено издание | 01 април 2025г.
Додека го пишувам текстов, Македонија како држава и сите ние како нејзини граѓани сме во длабока тага и сочувствуваме со најблиските поради трагедијата во која изгубивме 59 млади животи и имаме стотици тешко повредени како директна или индиректна последица на нешто што едноставно не смеевме да дозволиме да ни се случи, а сепак се случи. Повторно се случи. Како татко, дедо, сопруг и припадник на нашево општество не можам, а да не се осврнам на оваа трагедија, со болка во душата и обид, и покрај сè, да ги задржам здравиот разум и резон. Останувам упорен и непоколеблив поборник за „европеизација“ на државава, владеење на правото и воведување и почитување на европските правни прописи и технички стандарди, но уште повеќе и за професионализација на нејзините институции, всушност денеска уште поубеден од кога било порано.
Географијата е неменлива, а историјата е сурова и бесчуствителна.Тие сме кои сме, толку сме колку што сме и такви сме какви што сме. Прашањето е дали можеме да бидеме подобри, дали сакаме да бидеме подобри, дали сме способни да научиме нешто од минатото, од трагедиите кои ги поминавме и со кои мора да живееме, како печат и товар на нашето време. Од раните нема бегање, ќе болат, а лузните ќе ги носиме засекогаш. Но, дали може да се воздржиме од додавање сол на раните? Дали ќе можеме да научиме да живееме со лузните како потсетник за нашите грешки за никогаш да не ги повториме? Не е време за лов во матно, но секако е крајно време да ги истераме виновниците на виделина.
Со ништо нема да ги вратиме изгубените животи. Никој и никогаш нема да може да ги ублажи болката и тагата по изгубените деца, браќа, сестри, внуци, роднини, соученици, пријатели, сограѓани. Нивната тага е вечна, а нивната болка е неизбришлива. Но, ние, сите ние, ќе мора да се соочиме како општество, пред сè со нашата колективна одговорност, бидејќи креиравме држава-систем со слабости кои овозможија вакви масовни трагедии кои ни се случуваат повторно и години наназад. Гневот е огромен, но не можеме и не смееме одеднаш сите да станеме и истражители, и обвинители, и судии, и егзекутори во исто време. Тоа би предизвикало хаос и безаконие. Индивидуалната и институционалната одговорност да оставиме да ја лоцираат и да ја процесуираат надлежните органи. За резултатите ќе цениме потоа самите ние, како поединци, но и колективно како општество. Ова е моментот кога тие, институциите и избраните и именувани лица, лица со овластувања, јавни обвинители, судии, адвокати, можат барем малку да ја поправат сликата за себе, да ја подигнат довербата во правдата и еднаквоста пред казните за чинење или нечинење, за казнивост или неказнивост, да ја избришат границата на „моите“ наспроти „туѓите“ и да вратат барем едно мало делче од изгубената доверба во системот и во државава.
Не ги сакам и не ми се блиски изјавите кои ги слушам деновиве, „не нè бива“, „ние не заслужуваме држава“, „нема да нè биде“. Не, напротив. Јас длабоко верувам во мојава држава, во издржливоста на системот. Навистина е млада и кревка, но наша е и единствена е, немаме резервна. Доколку сакаме да демонстрираме патриотизам и лојалност кон нашава заедничка држава, независно од етничка, верска, партиска или каква било друга припадност, ова е тој момент кој ќе се „брои“ и ќе се засметува во нашата историја. Патриоти се оние на страната на правдата, сите други се на спротивната страна и тука простор за компромис ниту има ниту смее да има.
Сакам да верувам дека институциите и надлежните, независно од партиската боја, нема да потпаднат, и овој пат како многу пати претходно, под влијанието на политичките притисоци, амбиции, интереси, лични или колективно партиски. Правда овој пат мора да има, а виновниците мора да се именуваат со име и со презиме. Одговорноста мора да се лоцира, кривично-правна, морална, политичка, индивидуална и/или колективна. Барем во овие моменти апелирам до политичарите и до сите политички партии, заборавете ги следните избори, какви и да се, кога и да треба да се случат. Да не дозволиме изборите и политичките интереси, од која страна и да се, да ни ги диктираат правдата и функционирањето на институциите.
Трагедии имало, природни или предизвикани, и ќе има и во иднина, тие се дел од животот колку тоа да звучи сурово. Издржливоста на секое општество и држава се цени според тоа како реагира во тие неприродни услови, услови на трагедии, на болка, на немоќ на поединците, на желба и потреба за правда. Но, отпорноста на секое општество се цени и според тоа што сме сториле или не сме сториле, а сме требале да сториме, сме можеле да сториме, сме морале да сториме, за да превенираме трагедиите да се случат или ако тие не сме можеле да ги спречиме, на пример природни катастрофи, да бидат со најмали можни последици. Должност на институциите е да ги заштитат поединците.
Но, се надевам дека на сите ни е јасно дека оваа трагедија мора да биде последната која е резултат на еродираните политизирани институции, непочитувањето на законите и стандардите, отсуство на правовремени реакции на правосудниот систем, органите за превенција и прогон, непостапување во заштитата на јавниот интерес, а тоа е сигурност за граѓаните и обезбедување на јавниот ред и мир.
„Ќе нè биде“ и ќе бидеме посилни и како држава и како општество доколку надлежните ги донесат вистинските одлуки, доколку ги почитуваат законите и стандардите, доколку ги казнат виновните со заслужена „тежина“ на казната, соодветна на делото и на последиците.
Замислете си какво ќе беше нашево општество, држава, систем доколку ги почитувавме законите кои се во сила, европските норми и стандарди. Замислете дали ќе ни се случеше трагедијата во Кочани, но и претходните болни настани со многу загубени животи, доколку институциите за надгледување на имплементацијата на прописите беа професионални, неполитизирани, бескомпромисни. Замислете да ги спречевме трагедиите доколку сите раководни структури во правосудниот систем, институциите со овластувања и на државно и на локално ниво беа поставени по заслуга, стручност, способност и компетентност, а не беа „извлечени“ и поставени од партиските списоци за потоа да бидат должници кон оние кои ги поставиле на тие функции и позиции, со однапред дефинирани интереси и со желба за контрола на институциите и моќ која произлегува од нив. Искуствата велат дека моќта многу брзо расипува и се фаќа рака под рака со криминалот. Корупцијата е само најраспространетото средство за да се дојде до моќ и незаслужени лесни профити на грбот на граѓаните кои секогаш на крајот ја плаќаат сметката, во некои случаи, вклучително и трагедијата во Кочани, за жал, со сопствените животи.
И така децении наназад, го еродиравме системот до неспособност да ги препознае ниту сопствените надлежности изгубени во океанот од неспособност, некомпетентност, ароганција и самобендисаност. Кога гласот на професионалноста и на стручноста ќе биде „надвикан“ од партиските послушници „жедни“ за парченце од освоената моќ на некои (кои било) избори, системот полека згаснува. Кога ќе ја достигнете точката на „не знае колку не знае“, веќе прописите немаат смисла, ниту партиските послушници ги читаат, а уште помалку ги разбираат. Процедурите стануваат „непотребна“ формалност бидејќи малкумината професионалци кои останале во институциите немаат моќ да ги спроведуваат затоа што се управувани од некомпетентни, обично в.д. партиски кадри. Така чекор по чекор, имплементацијата и надгледување на прописите, на стандардите и на процедурите и нивното спроведување преминале во рацете на организираниот криминал кој, во меѓувреме, се сместил на кормилото и се „удомил“ во институциите.
Нема друг излез и нема друго решение, освен брутално бескомпромисно искоренување на организираниот криминал од институциите и од нашите улици. Со „голо око“ се гледа дека криминалот царува во градежништвото, гради кој каде ќе стигне, само ќе ги споменам Маврово, Леуново, Шапка, за Скопје е подобро да не почнам да набројувам, а и во другите градови и села состојбата не е ништо подобра. Угостителството станува огледало на криминалот, а трагедијата во Кочани (т.н. „кабаре“) е непобитен доказ за масовните прекршувања на законите, непочитување на стандардите и нечинење, односно непостапување по инспекциските наоди. Шумарството е отворена „кеш машина“ за безочно сечење на шумите и измолзување на последниот денар од најсиромашните, ги соголевме планините за профити во приватни џебови, најчесто со партиски предзнак. Дишеме најзагаден воздух во Европа (дали тоа е случајно?), согоруваме без тронка совест опасни материи, стари гуми под плаштот „пепелта ќе го покрие доказот“. Имаме веројатно во регионот најзагадена околина со отпад и диви депонии, шут кој се влече по улиците и по националните паркови, имаме веројатно најголем број на лиценци за производство на канабис во Европа (медицински или не, сеедно), наркотиците ни се „тркалаат“ по училишните дворови, студентски домови, по кафеани, кабареа, дискотеки и ноќни клубови. Треба ли посебно да нагласам дека сме најмала земја во Европа со најголем број на кладилници, на казина и на коцкарници по квадратен километар и т.н. „продавници за пари“.
Трагедијата која однесе 59 млади животи, стотици повредени, илјадници трауматизирани, им го одзеде правото на живот, на потомство, на иднина, на перспектива. Наша колективна должност е да почнеме да се справуваме со организираниот криминал кој не само што ни ги диктира животите и како да живееме туку и одлучува дали може да живееме.
Мора сите во себе да одлучиме, доста е: или тие или ние. Тие, криминалците, нема да се самоукинат, нема да престанат со криминалните дејствија, нема да престанат да нè трујат, да продаваат наркотици, да ги злоупотребуваат институциите, да корумпираат. Тоа што му се случува на соседот, утре може да ми се случи и мене.
Потребен е итен и целосен ремонт на системот и на институциите, но никако и хаотичен. Брзи и хаотични решенија се рецепт за продлабочување на политизацијата на институциите. Потребно е систематски пристап, критериуми и процедури за поставување на професионални, компетентни, обучени, способни стручни лица на сите раководни места на кои ќе мора со широк општествен консензус да им се обезбеди простор за работа во услови на непристрасност, без партиски диктати и без страв од одмазда.
Од таквиот систем и професионални, компетентни, ефикасни, ефективни, рационални институции корист ќе имаме сите ние, како граѓани денеска, а нашите деца и внуци утре и во иднина. Државата се брани преку професионални институции, патриотизмот се отсликува во борбата против организираниот криминал и корупција без да се гледа на партиска, на етничка припадност или на роднински врски. Сè друго е демагогија и непотребно трошење на ресурси и на нашето време.
Засекогаш нè напуштија 59 млади сограѓани, жртви на спрегата на поединци и институции со криминалот.