1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што треба да поседува еден ученик и херој?

27 март 2025

Премиерот Мицкоски се сретна со младиот херој Јован Костадинов, а „Алкалоид“ на матурантот му додели 4-годишна стипендија.

https://p.dw.com/p/4sKSV
„Јован, со само 19 години, влезе во запалениот објект во Кочани и спаси 21 живот“, напиша премиерот Мицкоски.
„Јован, со само 19 години, влезе во запалениот објект во Кочани и спаси 21 живот“, напиша премиерот Мицкоски. Фотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

„Што треба да поседува? Добри организациски способности, совесност и посветеност во работата, смиреност и висока способност за комуникација".

Ова е едно прашањата и одговорите објавени на веб-страницата на средното училиште „Ванчо Прке“ во Виница, кои се однесуваат за учениците во сообраќајната струка, конкретното за профилот - техничар за транспорт и шпедиција.

Токму за тој профил во завршната четврта година се образувал и Јован Костадинов, 19- годишниот ученик, херојот на нашето време, кој на 16-ти март спаси 21 живот од пламените јазици во таканаречената дискотека „Пулс“ во Кочани.

Покрај добри организациски способности, совесност, посветеност во работата, смиреност, висока способност за комуникација, Јован покажа и невидена пожртвуваност и храброст. Откако неговите соученици зачера со аплаузи го дочекаа неговото враќање во училиштето, а пособно горди беа неговиот клас 4/6 и класната раководителка Моника Маркова, со Костадинов вчера се сретна и премиерот Христијан Мицкоски. Инсерти од средбата со Костадинов, Мицкоски објави и на неговиот профил на Фејсбук.

„Јован, со само 19 години, влезе во запалениот објект во Кочани и спаси 21 живот. Без размислување, со голема присебност и посветеност, тој направи нешто што малкумина би се осмелиле да го сторат. Јован не е само херој на оваа трагедија, тој е симбол на една нова генерација која знае да направи разлика. Од неговиот чин се учи како да се биде човек, како да се биде достоинствен и несебичен во моментот кога тоа најмногу значи“, напиша Мицкоски.

Стипендија за Костадинов

Како знак на признание за неговата храброст и човечност, „Алкалоид" како општествено одговорна компанија, му додели стипендија на матурантот Костадинов во месечен износ од 18.000 денари за следните 4 години. Премиерот се заблагодари на компанијата што ја презела оваа иницијатива, покажувајќи дека ги препознава и вреднува ваквите светли примери, а изрази и благодарност до сите што помагаат во овие тешки моменти.

Откако младиот Костадинов му објасни на премиерот за кој профил стручно се образува, премиерот му даде сугестија.

„Да одиш на Машински факултет“, му препорача Мицкоски, кој е професор на Машинскиот факултет на УКИМ.

„Јован е светла точка во деновите на темнина. Неговото име ќе остане запаметено, а неговиот пример треба биде уште поголема инспирација за да бидеме подобри, посилни и похрабри граѓани на нашата Македонија“, порача премиерот.

Мицкоски: Јован не е само херој на оваа трагедија, тој е симбол на една нова генерација која знае да направи разлика.
Мицкоски: Јован не е само херој на оваа трагедија, тој е симбол на една нова генерација која знае да направи разлика. Фотографија: Government of North Macedonia

Пофалби не штедеа ни од неговото училиште.

„Од денес хероите имаат име - Јован Костадинов!", објавено е на веб- страницата на училиштето, со снимка од завчерашниот дочек на Јован.

„Несебичноста, пожртвуваноста, солидарноста и човекољубието се дел од нашите ученици. Вредностите коишто ги поседуваат се херојски видливи и за навек запаметени. Јован, биди здрав, среќен и продолжи со хуманоста - се гордееме со тебе!", објави училиштето.

Подвигот на Иле

Премиерот пред 4 дена го посети семејството и сопругата на Иле Гоцевски (41) возачот на Брзата помош, кој од раното утрото без прекин помагаше и ги транспортираше повредените од трагедијата во Кочани, но следниот ден повеќе не се разбуди.

„Во време кога тагата не престанува, неговиот подвиг потсетува дека храброста и човечноста живеат во нашите луѓе. Тоа се нашите херои! Иле замина тивко, но зад себе остави пример кој нема да го заборавиме. Мојата почит и поклон за него. Почит и до сите што несебично им служат на граѓаните. Вечна ти слава, Иле", објави на Фејсбук премиерот по средбата со семејството на Гоцевски.

Родум од од Звегор, Делчевско, со живеалиште во Кочани, Гоцевски стана симбол на херојството во кобниот ден. Тешко може да се пресмета колку километри поминал тој и неговите колеги на пат од Кочани до Скопје или до Штип, колку повредени на свои раце пренел од возилото до болничките соби, колку деца на роднини или нивни познати видел меѓу повредените и како се справувал со тој стрес додека секоја минута била важна најбезбедно да ги пренесе во болница.

Жител на Кочани, кој со негови сограѓани дошол на местото на пожарот, нема дилеми дека Иле и неговите колеги го направиле невозможното.

„Возење во вообичаени услови е стрес, а камоли во таква ситуација. Ем треба да брзаш, ем да си внимателен зашто возиш луѓе со болни повреди, а сето во ситуација кога не можеш да се дистанцираш од сликите на ужасот што си ги видел рано утрото. А истото се повторува со секој нов повреден кој го транспортираш. Не може со зборови да се опише таа ноќ, ни подвигот на Иле“, вели тој. 

Пожарот во ноќниот клуб во Кочани е една од најголемите трагедии во поновата македонскка историја
Пожарот во ноќниот клуб во Кочани е една од најголемите трагедии во поновата македонскка историјаФотографија: Alexandros Avramidis/REUTERS

Гест за почит

Колеги на Иле, но и голем број на граѓани на социјалните мрежи бараа херои како Гоцевски, да добијат обележје во центарот на Кочани, како признание за пожртвуваноста и посветеноста кон професијата, буквално до последен здив. За неговото херојството, и неговото заминување по тешката трагедија, информираа многу странски медиуми. Македонскиот скулптор Филип Новески, кој инспиран од подвигот на Иле најави дека ќе направи биста споменик во чест на Гоцевски, го привлече вниманието на регионални медиуми, кој се заинтерсираа за неговиот голем гест. 

„И јас возам во Македонија, и надвор од Македонија, и знам колку е тешко да патуваш без стрес и во нормално расположение, а можам да замислам колку нему му било тешко со толку повредени луѓе, толку пожртвувано, без ни малку пауза, без ни малку одмор“, изјави Новески за бугарската ТВ „Нова“.

Река од солзи: Кочани се прости од своите најмили

Споменикот се очекува да биде готов за едeн месец и да биде поставен во центарот на Кочани.

„Тоа е еден мој мал гест со кој јас можам да оддадам почит на тој човек и на тој град и на сите што се трудат како него, на сите што се пожртвувани во својата работа. Тој секако е херој на нашето време, на Кочани, на Македонија, на цел Балкан. Хероите на денешното време се тие што успеаја да спасат животи во такнарачената дискотека", изјави скулпторот.

Министерот за здравство Арбен Таравари, пред една недела рече дека Министерството постухмно ќе го одликува Гоцевски.