Американските пратеници ја поздравија објавата од вторникот дека Украина се согласи на 30-дневен прекин на огнот како чекор кон мирот во Европа.
„Многу сум охрабрен што се постигна договор. Претседателот сега одлучи да го укине замрзнувањето на разузнавањето и оружјето што е многу значајно“, изјави за Гласот на Америка републиканскиот претставник Мајкл Мекол, поранешен претседател на Комитетот за надворешни работи во Претставничкиот дом на САД.
САД минатата недела објавија дека ќе прекинат со воената помош и размената на разузнавачки информации со Украина, по средбата во Овалната соба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски на 28 февруари која помина во напната атмосфера. По објавувањето на договорот за прекин на огнот, САД вчера соопштија дека ќе ја обноват соработката со Украина.
„Тоа всушност никогаш не требаше да се случи. Не требаше да има пауза каде што има реални животни последици за Украинците кои се борат за својата слобода, демократија и за националната безбедност. Значи, позитивно е што администрацијата тоа го укина“, изјави за Гласот на Америка демократскиот претставник Џејсон Кроу.
САД и Украина требаше да потпишат договор за минерали, но тоа беше откажано откако двајцата лидери јавно не се согласија за американската помош за Украина.
„Следен чекор би бил претседателот Зеленски, да се надеваме, повторно да ја посети Овалната соба за да го потпише договорот за економска соработка“, рече Мекол. „Тогаш сè ќе се сврти кон г-дин Путин“.
Русија не се согласи на прекин на огнот, но Трамп вчера рече дека има претставници на пат кон Москва да разговараат за тоа.
„Се надевам дека администрацијата на Трамп ќе почне да посегнува до Путин и Русија, ќе ги доведе на маса и ќе се погрижи да направат некои отстапки кои се разумни и корисни за украинскиот народ“, изјави за Гласот на Америка демократскиот претставник Глен Ајви.
Но, поранешниот дипломат Стив Пајфер, а сега виш соработник во Институтот Брукингс за Гласот на Америка изјави дека сè уште постои голема доза на неизвесност.
„Русија, за жал, нема добра позидана за исполнување на примирјето“, рече Пајфер. „Видовме што се случи меѓу 2014 и 2021 година во Донбас, но сега ова ќе биде предизвик, и ако Русите не можат да го почитуваат прекинот на огнот, мислам дека тоа ќе биде сигнал до Вашингтон дека Русите не се сериозни во изнаоѓањето решение за оваа војна“.
Трамп и Зеленски, исто така, јавно не се согласија за тоа кој е одговорен за започнување на тригодишниот конфликт меѓу Русија и Украина.
„Мораме да разбереме дека Владимир Путин е агресорот. Тој е оној кој ја започна оваа војна. Тој е оној кој може да стави крај со повлекување на своите трупи. Значи, ќе видиме дали оваа администрација може да го принуди на маса под услови кои се поволни за САД и Украина“, изјави Кроу за Гласот на Америка.
Државниот секретар Марко Рубио водеше повеќе од осум часа мировни разговори со украинските претставници во Џеда, Саудиска Арабија, за да се постигне договорот. Републиканските пратеници го пофалија Трамп и неговиот кабинет за нивниот силен преговарачки став.
„Веќе три години има премногу убиства и премногу уништувања во Украина и во Русија. Значи, ова е многу позитивна работа, и јас сум многу горд на секретарот Рубио, исто така, Мајк Волц, советник за национална безбедност“, изјави за Гласот на Америка републиканскиот претставник Дерик Ван Орден.
Пратениците, исто така, изразија надеж дека економската соработка меѓу САД и Украина може да продолжи.
„Претседателот Трамп е во право, а предлогот на претседателот Трамп за зајакнување и продлабочување на инвестициите на САД во Украина и критичните минерали, нафтата и природниот гас ќе ја зајакне одвраќањето против руската агресија“, изјави републиканскиот претставник Енди Бар за Гласот на Америка.
Пајфер истакна дека договорот за прекин на огнот „исто така има јазик каде што зборува за продолжување на работата меѓу Вашингтон и Киев за долгорочната безбедност на Украина. Мислам дека тоа е важно, затоа што мислам дека едно од клучните барања, како што разбрав од Украина, е дека мора да има одредена гаранција за безбедноста на Украина за да не продолжи оваа војна во одреден момент во иднината“.