Доста Караѓозовска пензионерските денови ги посветила на зачувување на народното творештво
Достана (Доста) Караѓозовска, родена во Галичник, со неизмерна љубов го сака своето родно место, а тоа го потврдува така што повеќе од половина век секое слободно време го минува во прекрасната и неповторлива природа каде што ги направила првите чекори. Таа вели дека таму најдобро се одмора, ги полни батериите и ужива во неповторливиот амбиент и чистиот планински воздух. Порано половина од летниот одмор го минуваше во Галичник, а како пензионерка речиси е постојано во овој прекрасен крај, се радува на ревитализацијата, кој во средината на 20 век, поради негрижата на државата, се најде на бездната да се „уцркали“ во доловите, да го снема, да не постои, а опстојувал таму со векови.
Доста не мирува, дарбата на Господ максимално ја користи за зачувување на народното творештво, песната, на народната носија со вредни апликации. Во последно време сферата на интересирање ѝ е да ја збогати колекцијата на песни што речиси целосно се исчезнати, а се пееле по различни поводи пред неколку века во Галичник.
Разговорот со неа го започнавме со барање да ни објасни што ѝ било предизвик да се посвети на оваа тешка но благородна мисија, трагање по песните што полека исчезнуваат.
– Прашањево повеќе ми личи на провокација, но без разлика на сѐ, од поодамна имам запишувано песни, од кои најголемиот број се шегобијни, некои можеби се отпеани со променета содржина или не онака како изворно што се пееле во Галичник. Овој тип на песни се врзани за одреден број настани, на пример песната за свршувачката на Страте Филипоски, некаде околу 1909-1911 година:
„Се собраа Филиповци
Дал е време за грабење
Ќе ја грабат топан Ружа
Топан Ружа Чапароска“
или настан што се врзува за ненадејна или недозволена посета на група ергени во домот на сестрите Прлеоски, кога родителите не биле дома:
,,Се собраа ергените,
под куќите Прлеоски
на чешмиче Аврамиче…“
Но за овој проект сѐ уште немам целосна концепција, здравје… Ако не јас, можеби проектот ќе остане да го реализирааат моите внуци – да го исполнат како аманет, кои исто така се вљубени во Галичник и се постојани учесници на Галичката свадба.
Голема љубов имате да собирате народни носии, машки, женски, детски, кои се носат во различни пригоди, од сите краеви на Македонија, како и апликации на носии, најмногу од Галичник и од Мијачијата.
– Четириесетина години собирам народни носии од сите етнички предели на Македонија и од сите етнички заедници. Со галичките носии почнав, но не се најмногубројни во мојата колекција, најмногу има од Скопска Блатија и Скопска Црна Гора, за што го подготвувам вториот каталог, кој ќе го промовирам до крајот на годинава.
Колку парчиња на народни носии има колекцијата?
– Мојата збирка содржи над 200 македонски носии и носии од етничките заедници што живеат во Македонија.
Како ги одржувате и каде ги презентирате?
– Одржувањето е најтешката работа, но сепак тоа е моето хоби. Затоа велам, кога имате љубов кон она што го работите, тоа ве прави среќен и задоволен, лесно се постигнува сѐ. Што се однесува до нивното презентирање, сѐ поретко го правам тоа од причина што сега сѐ е поврзано со ангажирање дополнителни парични средства за промоција, а јас како единка не можам од својот скромен буџет да си дозволам трошоци и за промоција. Сега, доколку ми останат средства од моите месечни примања и на сопругот, ќе ги искористам за некое ново парче што ми фали или на кое не можам да му одолеам. За промоција ќе почекам да се создадат услови.
Од пред неколку години, заедно со сестрите, собравте и во оригинал испеавте осум обредни свадбарски песни што ги оттргнавте од заборав.
– Покрај мојата љубов кон народните носии, некако паралелно во мене се отвори и желбата, која одамна тлеела, да ги зачуваме обредните свадбарски песни што се пееле на галичките свадби. Оваа желба е последица на моето потекло, на моите корени, кои со гордост кажувам дека се од Галичник. Јас сум прво дете на моите родители Љубица и Томо Караѓозоски, кои исто така се од Галичник. Уште како дете од моите сум ги слушала и учела овие песни, кои биле секогаш исполнувани на галичките свадби, од далечната 1962/1963 година на минатиот век па до 1990 година, кога престанаа да се пеат бидејќи немаше пејачки што би ги пееле. Охрабрена од подршката на двете сестри Софка и Светлана, кои ги пеат во оригинална верзија, решив да ги оттргнам од заборавот. Со помош на мојот драг пријател Роберт Ангеловски, професор во Средното музичко училиште во Скопје, снимивме осум песни на цеде, кое го крстивме „Аманет од нашите“ и, за мое големо изненадување, беше многу добро прифатено. За овој вид – а капела – пеење, со конкретна содржина и за конкретна цел, има голема заинтересираност. Минатата година учествуваме на 50-то издание на „Пеце фест“ во Долнени, Прилеп, и го освоивме гранприто.
Дознаваме дека сега подготвувате уште еден носач на звук со осум обредни свадбарски песни што се пеат на Галичката свадба.
– Да, точно е. Во план ни е да снимиме уште еден носач на звук, токму со обредни свадбарски песни, но и овој пат сѐ зависи од финансиските услови. Верувам дека ќе успееме да обезбедиме доволно средства за да го реализираме и овој проект и да ги оттргнеме од заборав песните што обележиле еден долг период на Галичката свадба, кога редовно се пееле. Верувам дека ќе бидат интересни и за помладите генерации.
