Руте: НАТО е тука да остане

NATO Secretary General Mark Rutte

НАТО е тука да остане и Соединетите држави повеќепати ја потврдија својата посветеност на НАТО и членот 5 за заемна одбрана, изјави во средата генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте.

„Апсолутно сум убеден дека алијансата е тука за да остане. Нивната посветеност е апсолутно јасна“, рече Руте на прес-конференција во Брисел.

Сепак, тој додаде дека САД истовремено очекуваат европските сојузници и Канада да ги зголемат трошоците за одбрана на два процента од БДП и повеќе, што, според Руте, веќе се случува.

Генералниот секретар одржа прес-конференција пред дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки во четврток и петок во Брисел.

Тие ќе разговараат за безбедносните предизвици, зајакнувањето на колективната одбрана и подготовките за самитот на алијансата на 24 и 25 јуни во Хаг.

Американскиот државен секретар Марко Рубио првпат присуствува на состанокот. Предвиден е и состанок на Советот НАТО-Украина.

Руте рече дека сојузниците ветија повеќе од 20 милијарди долари воена помош за Украина во првите три месеци од оваа година.

„Заканата со која се соочуваме од Русија останува и Русија продолжува тесно да соработува со Кина, Иран и Северна Кореја на начин што не само што ѝ штети на Украина, туку претставува ризик за НАТО и за целиот свет“, рече Руте.