Де Брујнe го напушта Манчестер Сити, оставајќи зад себе импресивна статистика

Се случи она што беше најавено, 33-годишниот белгиски играч за врска Кевин де Бруjне, чиј договор истекува на 30 јуни, објави дека летово го напушта Манчестер Сити, каде што помина десет години, објавија во петокот британските медиуми.

Сѐ уште не е познато каде ќе ја продолжи кариерата, но од неодамна најмногу се споменува Саудиска Арабија која во последните години успеа да привлече бројни светски фудбалски ѕвезди. Де Брујне пристигна во Сити во август 2015 година од Волфсбург во трансфер вреден 76 милиони евра. Една година подоцна кормилото на клубот го презеде Пеп Гвардиола кој изјави дека белгискиот репрезентативец е еден од најголемите играчи од средниот ред кој настапувал во Англија.

Со Сити освои 16 трофеи, од кои шест шампионски титули и Лигата на шампионите во 2023. Во дресот на „Граѓаните“ постигна 106 гола во сите натпреварувања, а во Премиер лигата создаде 827 гол шанси и имаше 117 асистенции. Во историјата на Премиер лигата само еден играч е пред него кога се во прашање асистенциите, а тоа е Рајан Гигс кој впиша 162.

Кариерата ја започна во Генк, а во јануари 2012 година се пресели во Челзи. Сепак, тој одигра само девет натпревари во дресот на „Сините“. Беше на позајмица во Вердер една сезона (2012/2013), а потоа замина во Волфсбург. Последните две сезони во Сити беа најтешките во неговата кариера. Минатата сезона поради повреда паузираше пет месеци, а оваа сезона ја имаше најскромната минутажа откако дојде на „Етихад“, на само 19 натпревари беше во стартниот состав.

За белгиската репрезентација одигра 109 натпревари и постигна 30 голови. Со репрезентацијата играше на три евриопски и на три светски првенства, а најголем успех во репрезентацијата го имаше на СП 2018 во Русија, кога Белгија го освои третото место.