• Мартин Танасковски

Филип Кузмановски капитенски презеде одговорност и донесе победа за Еурофарм Пелистер (26-23) во дербито на денот против ГРК Охрид. Во мечот во градот крај езерото, средниот бек постигна вкупно 12 гола, а потоа направи анализа на случувањата и ги најави следните предизвици.
„Се подготвивме максимално за Охрид, знаевме за каква екипа се работи, за следната сезона подготвуваат голем проект. Тешко е да се игра на овој терен, но мора да се заблагодарам на нашите наивачи, нивната поддршка многу ни значеше. Од почетокот до 60 минута останавме како екипа и во тешките моменти, ниту еднаш не го потценивме Охрид, напротив, се подготвивме за нив максимално. Можеби тоа искуство кое го имавме во ЛШ малку ни помогна да се радуваме на победа на овој меч. За нас секој меч е финале во овој плеј-оф до крајот, сега ни следи меч со Алкалоид во Битола. Не треба да се трошат зборрови за нив, но ние играме дома. Настапуваме на секој меч шампионски, нашите цели се јасни, пак сакаме да сме шампиони и со тоа размислување ќе играме на мечевите. Веруваме во нашите квалитети, верувам дека на крајот се ќе ни се исплати“, изјави Кузмановски.
Еурофарм Пелистер има две победи на две средби на стартот на плеј-офот, а следниот меч се игра следниот викенд во Битола.