Децата од Велес ја негуваат љубовта кон книгите и покрај современата технологијата

Со дваесет и четири илјади книги од различна литература, поточно лектири, енциклопедии како и слободна литература, располга одделот за деца во градската библиотека „Гоце Делчев“ во Велес. Малите читатели можат да избираат од широкиот спектар на литература која ги поттикнува на читање и учење.
Директорката на велешката библиотека Снежана Бошевска на светскиот ден на литературата за деца, посочи дека најмладиот читател на библиотеката има само четири години и секоја недела доаѓа да позајмува различна литература, најчесто енциклопедии како и сликовници иако се уште не знае да чита.
-И покрај современата технологија којашто им овозможува на децата лесен пристап до информации, љубовта кон книгите и читањето продолжува да се развива кај младите. Во нашата библиотека најмладиот член има четири години и редовно позајмува книги иако се уште не знае да чита. Морам да надополнам дека постојат повеќе такви дечиња што за нас претставува огромна радост, објасни Бошевска.
Велешката библиотека продолжува да го негува ова важно значење на книгата во развојот на децата обезбедувајќи им пристап до широк спектар на литература но и преку организација на разни работилници кои дополнително им помогаат на децата да изградат љубов кон книгите од најмала возраст.
-Како институција многу ни е битно дружењето со најмладите велешани па така често организираме работилници преку кои ја потенцираме важноста на книгата. Како најранлива категорија на читатели ни се сепак учениците на возраст од 11 до 18 години, но дел од работилниците се наменети токму за таа возраст и можам да кажам дека посетеноста е на задоволително ниво, додека младите велешани покажуваат голема заинтересираност на сите работилници што за нас е само мотив и понатаму да ја пренесуваме љубовта кон книгата на идните генерации, додаде Бошевска.
Светскиот ден на литературата за деца се одбележува на 2 април, поточно на денот на раѓањето на Ханс Кристијан Андерсен којшто е еден од најпознатите писатели на бајки и приказни за деца. Овој ден се одбележува со цел да се почести неговото наследство и да се нагласи важноста на литературата за деца. Андерсен, со своите извонредни приказни, поставил основа за важноста на квалитетната книжевност која не само што ги забавува, туку и образува и инспирира децата.
Стефани Манева
