Мишовски: Левица нема да коалицира со никого, особено не со партии кои изминативе години се докажани дека не работат во интерес на граѓаните

Градоначалникот Ѓорѓиевски милува да кажува како неговата програма е скоро 100% остварена, но на терен ниту половина не е остварено од тоа што е ветено, вели советникот во Кисела Вода од партијата Левица изјави за „Локално“ Мишовски

од Љубиша Владимиров
362 прегледи

Иако до локалните избори има уште неколку месеци, октомври веќе не изгледа така далеку за политичките партии кои го вклучија предизборниот мотор. Теренските активности се интензивираат, се анализира расположението меѓу гласачите, а се отвора простор и за појава на нови имиња на политичката сцена. Општините повторно стануваат главен фокус, додека партиите ги мобилизираат своите структури и тестираат кандидати кои ќе ги носат боите на нивните програми. Овој изборен циклус најавува интересна политичка динамика, со зголемени очекувања за промени, но и со можности за пробив на алтернативни гласови. Таква е и сликата на терен во една од најурбаните и најдинамични општини во главниот град, Кисела Вода, во која политичките партии ќе се борат за легитимитет пред граѓаните во следните 4 години.

Советникот од редовите на Левица во Советот на Кисела Вода, Донче Мишовски, во изјава за „Локално“ уверува дека партијата е целосно подготвена да ја преземе одговорноста за водење на општината, базирајќи ја својата програма врз реалните потреби на граѓаните. Мишовски потврди дека Левица ќе има свој кандидат за градоначалник на Кисела Вода, но смета дека е сѐ уште рано да се објави неговото име. Тој нагласи дека локалниот огранок на Левица веќе долго време работи континуирано на терен и дека тоа нема да се промени ниту во иднина, бидејќи токму тоа е мисијата – непосредна работа со граѓаните и решавање на нивните секојдневни проблеми.

Мишевски потенцира дека Левица досега реализирала безброј средби со жители на Кисела Вода и најави уште поинтензивни контакти во периодот кој следи, бидејќи, како што рече, партијата се наоѓа во фаза на континуиран раст и развој. Мишовски смета дека локалните избори ќе бидат само формалност во која ќе биде претставена изборната програма, која не е плод на кабинетски одлуки, туку резултат на директни разговори со граѓаните и нивните барања.

„Како локален огранок на политичката партија Левица континуирано работиме на терен, како во изминатиот период така и во иднина, впрочем тоа е и мисијата на локалниот огранок, да ги спроведува идеите и решава проблемите на граѓаните. Имавме безброј средби со граѓани, а и ќе имаме уште многу бидејќи како партија која континуирано расте сме спремни и да ја водиме општината. Локалните избори се само чин кога ќе треба да ја обзнаниме нашата програма која се базира врз идеите и потребите од нашите сограѓани. Секако дека ќе имаме и кандидат за градоначалник, но сметам дека е сеуште рано да го објавиме неговото име.“ изјави Мишовски.

Мишовски потенцира дека партијата веќе ја има добиено довербата на голем дел од граѓаните во општината и дека на последните парламентарни избори Левица добила повеќе гласови од СДСМ на општинско ниво. Тој нагласи дека СДСМ, според него, е веќе „пасокизирана“ партија која повеќе не претставува вистински политички противник за Левица. Тој смета дека иако ВМРО-ДПМНЕ е политичка конкуренција, Левица има јасна предност поради, како што вели, недостатокот на „политички багаж“ и разликата меѓу нивните неисполнети ветувања и активниот теренски ангажман на Левица. Мишовски нагласи дека граѓаните веќе го препознаваат квалитетот на Левица, особено преку активната улога на нивните советници во општината и иницијативите што произлегуваат директно од комуникацијата со жителите на Кисела Вода.

„Сдсм веќе е пасокизирана и не ги сметаме за противник, не знам дали сте запознаени дека Левица како политичка партија на последните парламентарни избори освои повеќе гласови од Сдсм на општинско ниво и сега сме втора политичка опција. Што се однесува до Вмро-Дпмне секако дека се конкуренција но сметам дека на народот му е преку глава од овие две партии кои континуирано се менуваат од осамостојувањето на Република Македонија. Ние сме во предност поради тоа што немаме багаж за разлика од нивното ветено до неостварено. Сметам дека граѓаните на Општина Кисела Вода веќе го прапознаа квалитетот на нашата партија, а секако и ангажманот на нашите советници во општината преку нивните иницијативи кои доаѓаа од страна на граѓаните“ смета Мишовски.

Советникот на Левица во Кисела Вода смета дека и по три децении наизменична власт, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не донеле суштински напредок. Тој потенцира дека градоначалникот Ѓорѓиевски зборува за речиси целосна реализација на програмата, но на терен, според него, не е исполнето ни половина. Мишовски вели дека граѓаните веќе го препознаваат ангажманот на Левица преку иницијативите на нивните советници, што, како што кажа, ги става во предност пред локалните избори.

„Низ нашата триесет годишна историја двете партии се менуваа и буквално ништо не направија за разлика од некои земји во развој чии градови прераснаа во метрополи од иднината. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски милува да кажува како неговата програма е скоро 100% остварена, на терен е сосема друго. Според нашите обсервирања со сигурност можеме да кажеме дека ни половина не е остварено од тоа што е ветено, иако нивниот пиар се обидува да ја прикаже другата слика“ смета Мишовски.

Мишовски потврди дека партијата веќе има подготвена програма за претстојните локални избори, базирана на директни средби со граѓаните во изминатите неколку години. Тој потенцира дека главните приоритети на граѓаните, а со тоа и на Левица, се борба против урбаната мафија, повеќе зеленило, ред во паркирањето и подобрување на хигиената. Како што кажа, останатите проекти засега ќе останат како изненадување.

„Како што напоменав погоре, програмата е веќе готова која се темели врз средбите со граѓаните наназад две, три години така што нивните идеи, забелешки и проблеми со кои се среќаваат се вметнати во нашата програма. Главен фокус на граѓаните, а после на Левица е стоп за урбаната мафија, зазеленување на оптината, воведување ред во хаосот со паркирање и секако хигиената. Има и уште проекти но засега не би ги открил, нека останат како изненадување“ дециден е Мишовски.

На прашањето за можноста за опозициска коалиција во текот на претстојните избори, Дончо Мишовски од Левица потенцира дека партијата е принципиелна по ова прашање. Тој нагласи дека Левица нема да коалицира со ниедна партија, особено не како што вели со партии кои изминатите години се покажале како неработоспособни и не дејствуваат во интерес на граѓаните.

„Левица е принципиелна по ова прашање, така што ние не коалицираме со никого поготово со партии кои изминативе години се докажани дека не работат во интерес на граѓаните“ завршува Мишовски.

Д.Ѓ

Слични содржини