Реакции за пресудата за Ле пен, ќе создаде ли хаос во Франција?
Електронска алка и забрана за учество на избори. Политичката кариера на Марин Ле Пен е пред крај откако заедно со уште деветмина сопартијци прогласена е за виновна за проневера на пари од европските фондови.
Поради одлуката на судот во Париз, Ле Пен ќе мора да поднесе оставка од пратеничката функција но исто така, нема да смее ниту да се кандидира на претседатлските избори закажани за 2027 година.
Последните мерења на јавното мислење во Франција покажуваат дека Ле Пен е во предност и е фаворит за освојување на Елисејската палата. Претседателката на Националниот фронт одлуката ја нарече политичка чија единствена цел е да ја исфрли од претседателската трка...
„Да бидеме искрени, јас бев елиминирана, но вистината е дека елиминирани беа и гласовите на милиони Французи. Ќе се жалам затоа што не сум виновна. Нема да дозволам да бидам елиминирана вака. Ќе ги следам сите правни патишта што можам. Системот активираше нуклеарна бомба затоа што ќе победевме на изборите.“ - Марин Ле Пен претседателка на Национален фронт.
Француската десница најави мобилизација а на страна на претседателката на Националниот фронт, застанаа и дел од европските политичари. Јас сум Марин, напиша на Твитер унгарскиот премиер Виктор Орбан додека пак првите луѓе на десничарските партии во Холандија и Шпанија, Геерт Вилдерс и Сантијаго Анаскал, порачаа дека никој нема да успее да го замолчи гласот на Францускиот народ. Критики стигнаа и од Италијанската премиерка, Џорџа Мелони.
„Не ги знам деталите за обвиненијата против Марин Ле Пен, ниту причините за ваквата сурова одлука, но мислам дека никој што се грижи за демократијата не може да се радува на пресуда која ќе влијае на лидер на голема партија и ќе ги одземе правата на милиони граѓани.“ - Џорџа Мелони премиер на Италија.
Реакција стигна и од САД. Од Белата Куќа велат дека наместо постојано да се зборува за демократските вредности, тоа треба да се покаже на дело. Доналд Трамп пак ја спореди одлуката против Ле Пен со судскиот процес кој се водеше против него.
„Забрането е да се кандидира пет години, а таа е водечки кандидат. Тоа звучи како оваа земја, многу звучи како оваа земја.“ - Доналд Трамп претседател на САД.
Судот во Париз, ја осуди Марин Ле Пен од десничарската национален фронт на четири години затвор поради проневера на средства од европски фондови...Според Одлуката, две од вкупно четирите години ќе бидат условна казна...Судот пресуди и дека Ле Пен треба да добие петгодишна забрана за вршење јавна функција и треба да плати парична казна од 100.000 евра.
Покрај Ле Пен за виновни се прогласени уште осуммина сегашни и поранешни членови на партијата, кои исто како неа, претходно биле пратеници во европскиот парламент. Според обвинението, партијата Национален фронт, незаконски користела пари од европскиот парламент за исплата на партиски членови.