Трамп ги паузираше царините за сите освен за Кина, скок на берзите

Фото: EPA-EFE/YURI GRIPAS / POOL

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека на 90 дена ги суспендира царините за сите освен за Кина.

За Кина ги зголеми царините од 104 на 125 отсто, откако Кина, како одговор на царините на Трамп за Кина, воведе нова царина од 84 отсто за американските производи.

„Врз основа на недостатокот на кинеска почит кон глобалните пазари, со ова ја зголемувам царината што Соединетите Американски Држави и ја наплаќаат на Кина на 125%, што стапува на сила веднаш. Се надевам дека, во одреден момент, Кина ќе сфати дека деновите на експлоатација на САД и другите земји се завршени и дека тоа повеќе не е одржливо или прифатливо“ напиша Трамп.

Тој додаде дека врз основа на фактот дека повеќе од 75 земји ги поканија претставниците на САД да преговараат за решение на темите што се разгледуваат поврзани со трговијата тој одобрил 90 дневна пауза и значително помала реципрочна давачка од 10% во овој период, која исто така стапува во сила веднаш.

Прес секретарката на Белата куќа, Каролин Левит, рече дека нивото на царини за Кина беше подигнато затоа што Пекинг непромислено одлучи да возврати.

Таа, исто така, рече дека САД ќе продолжат со приспособени преговори и дека нивото на царини ќе се сведе на универзални 10% за време на преговорите.

Волстрит расте откако претседателот Трамп објави 90-дневна пауза на царините што ги најави минатата недела. S&P 500 се зголемува за 5,6%, додека Nasdaq скокна над 8%.

Зачлени се на нашиот е-билтен