
Канадскиот премиер Марк Карни објави ограничен сет противмерки како одговор на американските царини, нарекувајќи ги „протекционистичките потези“ на американскиот претседател Доналд Трамп „трагедија за светската трговија“.
Карни во чевртокот ноќта по европско време рече дека канадската влада ќе го имитира американскиот пристап и ќе воведе царини од 25 отсто за сите возила увезени од САД кои не спаѓаат во трговскиот договор меѓу САД, Мексико и Канада.
Новата мерка ќе се однесува на увезената стока во вредност од 35,6 милијарди канадски долари (околу 22,8 милијарди евра), изјави владиниот портпарол.
Карни на прес-конференцијата рече и дека новите царини нема да важат за автоделови и нема да влијаат на деловите произведени во Мексико.
„Со оглед на очекуваната штета за сопствениот народ, американската администрација на крајот треба да го смени правецот на својата политика. Но, не сакам да давам лажна надеж“, рече Карни, додавајќи дека би можело да помине многу време пред САД да го променат својот пристап.
Карни рече и дека претходно најавените канадски царини ќе останат на сила.
Новите царини што Вашингтон ги воведе во средата ги разбрануваа пазарите во четвртокот. Американските царини од 10 отсто за целиот увоз во САД, заедно со значително повисоките царини за одделни земји, ги поттикнаа инвеститорите да се откажат од ризичните инвестиции поради загриженоста дека политиките на Трамп ја нарушуваат глобалната трговија.
„Осумдесетгодишниот период кога Соединетите држави го прифаќаа лидерството во светската економија, кога склопуваа сојузи вкоренети во доверба и меѓусебна чесност и ја поддржуваа слободната и отворена размена на стоки и услуги, (сега) заврши. Тоа е трагедија“, рече Карни.
Новите против се надополнуваат на две групи царини што Канада веќе ги воведе на увоз на американски стоки во вкупна вредност од 59,8 милијарди канадски долари (околу 38 милијарди евра).