Промоција на сликовницата „Боите на виножитото“ од авторката Елена Граматикова и илустраторката Ирина Атанаскова


Денес во КСП Центар – Јадро, со почеток во 12:30 часот, ќе биде промовирана сликовницата „Боите на виножитото“ од авторката Елена Граматикова и илустраторката Ирина Атанаскова.

Ако застанеш под дрво додека роси, ќе можеш да го слушнеш шепотот на неговите лисја. Слушај внимателно бидејќи сигурно ќе ти раскажат некоја приказна. Еден пролетен ден, додека ветрот нежно дуваше, а дождот срамежливо паѓаше, Калин случајно се најде под крошната на една цреша. Со откривањето на бојата на пролетта, црешките ја откриваа и приказната што ја чу Калин. Приказната беше за едно прекрасно виножито кое живее во секој од нас. Во боите на виножитото живеат суштества без кои тоа не би било толку чудесно и шарено.


„Боите на виножитото“ е нежна приказна за боите и нивната врска со одредени емоции. Децата ќе научат и за емоциите и како да се справуваат со некои од нив.

Елена Граматикова е специјалист за комуникации, едукатор за родители и семеен и системски советник. Книгата Боите на виножитото е заеднички проект на Елена и нејзиниот син Калин. Во обид да му ги објасни емоциите, тие заедно создаваат приказни за различни „суштества“ кои живеат во сите нас – претставници на различните емоции, секоја посебна и вредна. Целта на овие приказни е да им помогнат на децата да го разберат светот на емоциите, да ја развијат својата емоционална интелигенција и да научат да ги прифаќаат сите емоции како природен дел од себе. Елена е сопруга и мајка на две момчиња, Калин и Илин, кои се нејзината најголема инспирација за континуирано учење и развој како родител и едукатор.
Во 2021 година, Елена станува сертифициран едукатор за родители според методот на Позитивна Дисциплина на Џејн Нелсен и Лин Лот. Во 2023 година ја основа платформата Позитивна Дисциплина за едукација на родители во Македонија. Истата година, завршува двегодишна едукација во Школата за семејна и системска психотерапија при институтот Алтернатива – Европски Акредитиран Тренинг Институт за Системска Психотерапија (EAPTI) – и добива сертификат за семеен и системски советник. Покрај бројните квалификации, Елена има завршено обуки за свесно родителување, родителување низ емоции, водење на детето низ светот на емоциите и развој на емоционалната интелигенција. Врз основа на овие знаења, таа создава едукативна програма за родители, посветена на водење на детето низ емоциите преку едукација и емпатија. Активно се посветува на едукација на родители преку платформата Позитивна Дисциплина и профилот Прегратка на социјалните мрежи.


Ирина Атанаскова сака да црта на кожа, на ѕидови, на хартија и на таблет. Има илустрирано повеќе сликовници, а авторка е и на една нејзина сликовница – „Приказна за малиот Уг“. Мајка е на две деца и едно куче. Таа сака да создава несекојдневни цртежи за секојдневниот живот. Нејзина желба е преку детската илустрација да допре и до возрасните и да ги потсети на безгрижноста на детската игра како меморија за слободата.

 


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ФОТО) Овие СВЕТСКИ ЅВЕЗДИ слават Велигден по православни обичаи: Некои ја смениле вера поради своите предци, други поради љубов…

Многу светски ѕвезди чии имиња звучат како Холивуд имаат сосема различно потекло. Немојте да се …