Пред почетокот на денешната лидерска средба во Владата, лидерот на СДСМ, Венко Филипче жали што одредени политички партии се обиделе да уфрлат, како што вели, „етничка димензија“ во пресрет на средбата. Според него, повикот за лидерската и понатаму важи за сите партии. Додаде дека премиерот Христијан Мицкоски прв и веднаш го прифатил повикот.
-Денеска ќе се обидам подетално да му ги објаснам, како и некои предлог-начини, како што ми е размислувањето. Отворен сум за сите опции. Во однос на очекувањата, како и секогаш сум внимателен оптимист, рече Филипче пред да влезе во Владата.
Запрашан дали преку средбата се создава „моноетничка коалиција“ како што рекоа од ДУИ, лидерот на СДСМ категорично демантираше.
-Нема никаква етничка димензија во состанокот. Сите лидери се поканети и сите треба да присуствуваат на следните состаноци. Ова е иницијатива која излезе после трагедијата во Кочани. Време е да имаме поинаков пристап кон одредени важни прашања, додаде пратеникот и претседател на најголемата опозициска партија.
Фото: Локално