Линкови за пристапност

Состанок на министрите за надворешни работи на Г7 во Канада – Украина главна тема


Човек поминува покрај знамињата на земјите-членки на Г7 пред состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Ла Малбаи, Квебек, Канада, 12 март 2025 година.
Човек поминува покрај знамињата на земјите-членки на Г7 пред состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Ла Малбаи, Квебек, Канада, 12 март 2025 година.

Украина сигнализира подготвеност да прифати привремен прекин на борбите

Министрите за надворешни работи од земјите во групата Г7 денеска ќе се соберат на разговори во Квебек, Канада, до петок, вклучувајќи состаноци фокусирани за завршување на руско-украинската војна и за поддршка на Украина во нејзината тригодишна борба против инвазијата.

Разговорите следат по одлуката на САД да продолжат со размената на разузнавачки информации и безбедносната помош за Украина, откако високи претставници од двете земји се сретнаа во Џеда, Саудиска Арабија.

По речиси осум часа разговори, Украина вчера објави дека е подготвена да го прифати предлогот на САД за „непосреден, привремен 30-дневен прекин на огнот“ во војната со Русија, се очекува тоа да го одобри и Кремљ.

Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска на пат за Канада за новинарите изјави дека САД ќе имаат „повеќе точки на контакт“ со Русија за да ја проценат нејзината подготвеност за мировен договор.

„Сега, сите со нетрпение го чекаме рускиот одговор и силно ги повикуваме да размислат за завршување на сите непријателства за да може да започне процесот за наоѓање постојан мир“, изјави Рубио за Гласот на Америка.

Рубио додаде дека има потреба од набљудувачи ако Русија се согласи на прекин на огнот.

„Ако тие (Русите) кажат да, една од работите што ќе треба да ја одредиме е кому двете страни веруваат дека да биде на терен за да надгледува истрели од мало оружје што би можело да се случи“, им рече Рубио на новинарите.

Денеска во Белата куќа, претседателот Доналд Трамп рече дека „сега зависи од Русија“.

„Се надеваме дека можеме да добиеме прекин на огнот од Русија“, рече тој. „А ако го направиме тоа, мислам дека тоа ќе биде 80 отсто од патот до завршување на ова ужасно крвопролевање“.

Во Квив, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека прекинот на огнот ќе им овозможи на страните „целосно да подготват, чекор-по-чекор, план за ставање крај на војната, вклучително и безбедносни гаранции за Украина“.

Германскиот канцелар Олаф Шолц го поздрави предлогот за 30-дневен прекин на огнот, велејќи во средата на социјалната мрежа „X“ дека тоа е „важен и правилен чекор кон праведен мир за Украина“.

„Ние сме со Украина и САД, и ги поздравуваме предлозите од Џеда. Сега зависи од Путин“, напиша Шолц.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Русија чека брифинг за предлогот од САД.

Топката е префрлена на Русија

Американскиот државен секретар Марко Рубио вчеравечер изјави дека Украина презела конкретен чекор кон ставање крај на војната.

„Сега се надеваме дека оваа понуда ќе биде прифатена и од Русите. И се надеваме дека тие ќе кажат ‘да’. Дека ќе кажат ‘да’ за мирот. Сега тие се на ред“, рече тој.

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте утре ќе биде во официјална посета на Белата куќа. Сите овие дискусии се дел од напорите за унапредување на мировниот процес.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски не учествуваше на разговорите меѓу САД и Украина, но за време на неговото обраќање вчеравечер рече дека планот за прекин на огнот е „позитивен предлог“.

„Сега останува на САД да ја убедат Русија да го стори истото“, рече Зеленски. „Ако Русија се согласи, прекинот на огнот ќе стапи на сила веднаш“.

Договор за минерали?

Трамп изрази интерес продолжувањето на воената помош да биде условено со пристапот до суровините на Украина.

Повеќе од четириесетина минерали, вклучително и неколку видови ретки земји, плус никел и литиум, се сметаат за клучни за американската економија и националната одбрана. Украина има големи наоѓалишта на ураниум, литиум и титаниум.

По вчерашните разговори, во заедничката изјава се вели дека двете страни се согласиле да „склучат што е можно поскоро сеопфатен договор за развој на критичните минерални ресурси на Украина за да се прошири украинската економија и да се гарантира долгорочниот просперитет и безбедност на Украина“.

Договор за ова прашање се очекуваше да биде потпишан минатиот месец од страна на Трамп и Зеленски, но тоа беше откажано по нивната средба која помина во напната атмосфера во Овалната соба на Белата куќа на 28 февруари.

Дел од информациите за овој извештај се од Асошиетед прес, Агенција Франс – прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG