„Ледената девојка“ го брка Илон Маск од Белата куќа!?

од Vladimir Zorba
155 прегледи

Откако Politico објави дека милијардерот извршен директор на Tesla и шеф на Канцеларијата за владина ефикасност (DOGE), Илон Маск, ќе ја напушти својата владина функција во наредните недели, а Белата куќа потоа тоа го демантираше, во политичките кругови започнаа нови шпекулации.

Да потсетиме, Белата куќа објави дека Маск останува додека не ја заврши својата задача да ги намали владините трошоци и да го намали бројот на федерални вработени. Сепак, упатените сугерираат дека ривалите кои се незадоволни од него се обидуваат да го исфрлат милијардерот од администрацијата.

Една од највлијателните луѓе со кои наводно се судрила е шефицата на кабинетот на Трамп, Сузи Вајлс, на која претседателот и дал прекар „Ледена девојка“ поради нејзиното студенило и решителност, ексклузивно пишува „Дејли мејл“.

Тие велат дека била фрустрирана од Маск затоа што не ја одржувал во тек со неговите планови и инсистирал јавно да ги објави клучните информации за платформата X пред нејзиниот тим да ги потврди. „Венити Фер“ минатиот месец објави дека ги охрабрувала секретарите на кабинетот да го критикуваат милијардерот директно до Трамп.

Со оглед на нејзината репутација како политичар кој „ја разбира мрачната уметност на манипулирање со медиумските извештаи за да им се одмазди на противниците“, упатените во владата сугерираат дека Вајлс би можела да стои зад написот објавен од Politico.

Многумина веруваат и дека Маск е политички проблем за Доналд Трамп, особено откако на крајот загуби кандидатот за Врховниот суд во Висконсин на кого му донираше 20 милиони долари и јавно го поддржа, Бред Шимел. Извори за британскиот таблоид изјавија дека Трамп е многу разочаран од резултатот.

Без оглед на политичките расправии што се случуваат во позадина, Маск исто така има финансиски поттик брзо да ја напушти својата улога во DOGE, што предизвика протести, бојкоти и напади на Tesla возилата ширум светот, поради што акциите на компанијата паднаа.

– Моите акции на Tesla и акциите на секој што е сопственик на Tesla ги нема, отприлика се преполовија. Ова е многу скап бизнис, тоа е она што го велам“, рече Маск во неделата.

Тој, исто така, беше под притисок од неговите инвеститори, откако пензискиот фонд во Њујорк повика на колективна тужба од сите акционери, обвинувајќи го дека предизвикал пад на акциите на Tesla преку неговата владина работа. Има и индикации дека акциите ќе закрепнат доколку тој навистина ја напушти администрацијата, со оглед на тоа што пораснаа за пет отсто откако Politico ја објави својата статија.

Некои шпекулираат дека има поедноставна причина зошто тој би можел предвреме да ја напушти владата – можеби се скарал со Трамп. Иако Маск пред два месеци објави дека „го сака толку колку што може да сака стрејт човек друг маж“, критичарите се скептични за блиската соработка меѓу двајца мажи со толку големо его. Извори од администрацијата за „Дејли Мејл“, сепак, инсистираат на тоа дека не се случил таков проблем и дека Трамп е сè уште импресиониран од работата на Маск.

– Нема апсолутно никакви тешкотии помеѓу Илон и Конгресот или Илон и Трамп или Илон и кој било друг во врска со работата што ја вршат за DOGE. Тие едноставно ги шират овие гласини за да се обидат да го повредат“, објави и таткото на милијардерот, Ерол Маск.

Белата куќа и извори блиски до администрацијата инсистираат на тоа дека неговата работа за DOGE ќе заврши само кога ќе ја заврши својата функција, најверојатно кон крајот на мај со оглед на статусот на Маск како специјален владин вработен, кому му е дозволено да работи за владата вкупно 130 дена годишно.

Затоа неговиот мандат треба да истече на 30 мај. Трамп би можел да се обиде да го продолжи мандатот или да најде друг начин да го вработи, иако Маск претходно инсистираше дека нема потреба од тоа. Тој во интервју минатата недела рече дека верува дека најголемиот дел од работата ќе ја заврши во рокот. Трамп, исто така, јавно алудираше дека времето на Маск во DOGE е при крај.

– Мислам дека е неверојатен, но мислам и дека мора да води голема компанија. Ќе се врати во одреден момент. Тој го сака тоа… Би го задржал додека можам, тој е многу талентиран – изјави претседателот на почетокот на неделава.

Слични содржини