Press "Enter" to skip to content

Трајковиќ и Стајиќ со заедничко мислење, неборбено прво полувреме, второ за пример во иднина дека можеме (фото)

По завршувањето на кошаркарскиот натпревар во Битола помеѓу екипите на Пелистер и Гостивар на прес-конференција зборуваа тренерот Ненад Трајковиќ и плејмејкерот Бобан Стајиќ. Двајцата се задржаа на двете различни полувремиња, а посебно на одличното второ полувреме во кое во 20 минути гостите постигнаа само 23 поени.

Ненад Трајковиќ рече:-Можам да кажам дека бев разочаран по првото полувреме во кое играчите покажаа неборбеност посебно во одбраната, и како резултат на тоа примивме 55 поени како да игравме против некој екипа од НБА или евролигашки противник. Претпоставувам дека тоа беше и еден вид на притисок поради промената на тренерот во клубот. На полувреме ја сменивме одбраната и примивме само 23 поени, играчите покажаа карактер и реагираа на работите кои ги кажавме во соблекувалната. Со голема борбеност дојдовме до победа која многу ми значи мене, но и на играчите за да сфатат дека можат. Најважно е да се бориме, па можеби и е добро што одигравме ваков натпревар, да се загуби првиот дел, а да се види како може во иднина.  Се надевам дека ќе одиме по другиот победнички пат.На прес конференцијата својот став го сподели и плејмејкерот Бобан Стајиќ, кој кажа:

-Натпреварот го започнавме во грч. Со новиот тренер сме неколку денови, се обидуваме да се адаптираме. Ќе ни биде потребен период да се навикнеме и ние на него, но и тој на нас. По лошото прво полувреме покажавме карактер и го сменивме начинот на одбрана. Ги притиснавме нивните бекови, а тоа беше клучно поради нивната слаба ротација. Тоа беше клучно за пресвртот, иако губевме со 20 поени разлика, а со засилен интензитет се вративме за брзо во натпреварот.