Цените на суровата нафта во средата паднаа на најниско ниво во повеќе од четири години. Пазарите се загрижени дека ќе се намали побарувачката за „црното злато“ поради ескалацијата на глобалната трговска војна, предводена од најмоќните светски економии – САД и Кина – и дека на пазарот ќе има вишок нафта, објави Reuters.
Барел сурова нафта West Texas Intermediate (WTI) од 159 литри за испорака во мај се тргуваше по цена од 57,12 долари попладне по сингапурско време, што е за 2,46 долари помалку од вторник. Северноморската нафта Brent за испорака во јуни падна за 2,38 долари, на 60,44 долари, пренесува SEEbiz.
Цените на двете видови нафта се најниски од февруари 2021 година.
Во саботата во САД стапија на сила дополнителни царини од 10 отсто за увоз на стоки од целиот свет, мерка најавена од американскиот претседател Доналд Трамп под името „реципрочни царини“ за повеќето земји и територии во светот, вклучително и ЕУ. Во средата стапија на сила уште повисоки царини за околу 60 земји и ЕУ.
Најмногу царини САД воведоа за Кина. По царините од 20 отсто воведени во март, се најавува зголемување за уште 34 процентни поени, но бидејќи Кина одговори со царини од 34 отсто на американска стока, Трамп ги зголеми уште за 50 процентни поени. Вкупно, царините денес достигнаа 104 отсто. Пекинг во вторник истакна дека ќе оди „до крај“ во трговската војна со САД, што веројатно дополнително ќе ја ескалира ситуацијата.
Покрај тоа, проширената група производители на нафта OPEC+ минатата недела одлучи да ја зголеми дневната продукција на нафта за 411.000 барели во мај – што, според аналитичарите, најверојатно ќе го турне пазарот во суфицит.