Рускиот претседател Владимир Путин ги препозна слабостите во американскиот предлог за прекин на огнот и сега вешто ги користи за да ја префрли одговорноста назад кон американскиот лидер Доналд Трамп, пишува „Би-би-си“ во осврт на последните случувања во процесот за постигнување прекин на огнот во Украина под покровителство на Вашингтон. Путин денеска порача дека „не може да има моментален прекин на огнот без претходен договор за условите“, со што ја извртува стратегијата на Трамп, кој инсистираше прво да се постигне примирје, а потоа да следат преговори. Истовремено, рускиот претседател рече дека Москва начелно прифаќа предлози за прекин на огнот, за да ги избегне обвинувањата дека ја кочи мировната иницијатива. Сепак, очигледно е дека Русија сака примирје под свои услови, префрлајќи го клучното прашање – повлекувањето на украинските сили – назад кон Вашингтон, пишува „Би-би-си“.
Најтешкото прашање за американската администрација е прашањето за територијалните отстапки. Путин инсистира Западот да ја признае руската анексија на четирите украински региони, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски категорично го отфрла тоа, сметајќи го за неприфатливо легитимирање на руската окупација. Дополнително, главниот советник на Зеленски денеска ја отфрли можноста за создавање „замрзнат конфликт“, што дополнително ја усложнува позицијата на Трамп.Самиот Зеленски денеска изјави дека одговорот на Путин за американскиот предлог, кој Киев веќе го прифати, покажува дека Путин се обидува да го одолговлекува мировниот процес. Украинскиот претседател рече и дека Путин всушност сака да ја продолжи војната, „но се плаши тоа да му го каже на Трамп“.
Денеска, на средбата на министрите за надворешни работи на Г7 во канадскиот Квебек, американскиот државен секретар Марко Рубио одби да коментира за одговорот на Кремљ, очигледно чекајќи извештај од специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, кој во Москва одржува разговори со Путин зад затворени врати. Како ќе одговори Трамп – останува да се види, но сега сите очи се вперени во него во исчекување на следниот чекор, се вели во текстот на „Би-би-си“.