• Иван Димовски

Фудбалерите на Гостивар се вратија на победите во ПМФЛ, откако со пресврт го добија мечот со Шкупи (3-1) во 27. коло. Средбата на „Борис Трајковски“ во Маџари понуди голема борба, гостите први поведоа со ефектен гол и потоа имаа неколку одлични шанси при резултат 1-1. Сепак, откако не ги искористија следуваше казната.
Мечот тргна со најубавиот потег на Демир Имери кој погоди директно од слободен удар. Тој биеше во спротивниот агол во голманската страна, меѓутоа шутот добро падна и заврши во мрежата (0-1). Сепак, радоста траеше кратко бидејќи следуваше израмнувачки гол на Дарко Глишиќ. Искусниот бек откосо влезе во шеснаесетникот и добро се снајде, па го матира Денковски за 1-1.
На стартот на вториот дел Имери имаше нов обид директно од слободен удар, овојпат од околу 25 метри и изнуди фантастична одбрана од Василев. Обид од слободен имаше и Аосман на спротивната страна, но многу лошо шутна. Имаше Шкупи уште две добри шанси, биеше Имери крај голот од далечина, а се закани по него Ибиши во една ситуација внатре во шеснаесетникот. И повторно од слободен удар чаирчани беа опасни, Василев не можеше да фати жива топка по ударот на Имери, па остави опасност од одбиена која неговиот тим ја спаси.
За промашените шанси стигна казната преку голот на Ли Ервин за 2-1 во 70. минута. Глишиќ нафрли, а голманот Денковски излета во празно. На втора статива Ивановски ја дочека топката со глава и ја врати во петерецот каде што Ервин ја сочека и смести во мрежата. Во самиот финиш на средбата, поточно во 92. минута Ринор Ајдини по асистенција од Потук погоди за конечните 3-1.
Гостиварци со оваа победа останаа во трката за место во Европа и имаат два бода помалку од третопласираниот Работнички, додека Шкупи има 33 на шестото место.