Достапни линкови

 
Со суперанализа ќе се утврдува квалитетот на вода увезена од Косово

Со суперанализа ќе се утврдува квалитетот на вода увезена од Косово


Илустрација
Илустрација

Македонските и косовските институции со различни наоди за квалитетот на водата од косовската фирма “Ругове“, по соопштенитето на АХВ дека водата не ги поминала тестовите за квалитет. Со трета анализа во нова лабораторија пак ќе се тестира водата од Косово. Пратката која не ги поминала тестовите не завршила на македонскиот пазар.

Суперанализа, односно трета анализа во сосема друга лабараторија ќе се прави на пратката со флаширана вода од косовската компанија „Ругове“, велат од македонската Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) за Радио Слободна Европа. Станува збор за пратката со водата увезена од косовската фирма Ругове, во која Агенцијата на 12 февруари открила дека постои зголемено количество на колиформни бактерии и не е пуштена во промет.

„ Клучно е сега спроведувањето на супер анализата и по добиените резултати ќе се донесе одлука дали таа вода е безбедна или не, ќе се спроведе во трета лабораторија по акредитирани методи“, вели за РСЕ Бошко Стојкоски од Секторот за инспекциски надзор во Агенцијата за храна и ветеринарство.

Станува збор за пратка од околу 22 илјади литри вода од која Агенцијата на гранична контрола земала мостра и утврдила дека постои зголемено количество на колиформни бактерии. Стојкоски објаснува дека додека се чекаат резултатите од суперанализата, до тогаш на сила останува протоколарната мерка според која во наредните 10 пратки се земаат мостри за задолжителни лабораториски испитувања.

„Таа мерка си останува затоа што има потоа и во други пратки, каде што е констатирано како во првата мостра, која излезе позитивна на некои бактерии, но не би навлегувал конкретно на кои“, вели Стојковски.

Тоа значи дека и други пратки на увезена вода содржат зголемена количина на недозволени бактерии, и дека пратките за кои е утврдено тоа не се пуштени во промет, што значи дека ниту една институција која има склучено договор за набавка на вода, ниту маркет не користи вода од оваа пратка.

Од косовската компанија „Ругове“, која е една од поголемите компании за вода во земјата, соопштија дека македонската контрола на граница била стандардна процедура и откако производот минерална вода во пластични шишиња од 1,5 литри не ги поминал тестовите за квалитет на вода, таа пратка не е пуштена на пазарот и со тоа не е загрозено ничие здравје.

„Согласно сегашната законска регулатива, по првичната анализа, побаравме истиот примерок повторно да се тестира од релевантните македонски органи. Резултатите од втората анализа потврдија дека водата е чиста, питка и без никакви проблеми со квалитетот“, се вели во нивното соопштение.

Од трговската компанија Даути Комерц, која ја увезува водата Ругове се огласија со идентично соопштение, дека е спроведена и втора анализа која покажала дека водата ги исполнува условите за квалитет.

Косовскиот Институт за јавно здравје ги негира наодите на македонските колеги

Директорот на косовскиот Национален институт за јавно здравје Ергил Бинчеза за косовскиот сервис на Радио Слободна Европа, вели дека водата од изворот „Ругове“, редовно се тестира во нивната лабораторија и дека „ во неа никогаш не се пронајдени бактерии штетни за здравјето на потрошувачите“.

Тој смета дека забелешките на надлежните органи на Северна Македонија за „присуство на колиформни бактерии“ во флашираната вода „Ругове“ се неосновани.

„Никогаш не ја најдовме оваа бактерија што ја споменуваат, не само во водата „Ругове“, туку и во која било [флаширана вода од други косовски компании]“, вели Бинче.

Тој додава дека е важно Косовската агенција за храна и ветеринарство да преземе поактивна улога, со тоа што ќе оди во Северна Македонија и самостојно ќе го потврди изворот на проблемот.

Ниту Агенцијата за храна и ветеринарство, ниту Санитарниот инспекторат на Косово не одговори на прашањата на косовскиот сервис на РСЕ за квалитетот на оваа вода.

Експертот за води од Националниот институт за водни ресурси и заштита на животната средина, Бурбуќе Нуши-Латифи, изразува изненадување од наодите на нејзините македонски колеги.

Според неа, може да се работи за „човечка грешка во лабораторија или во дијагностика“.

„За време на обработката на [водата], неизмиените раце можат да ги носат [бактериите]... само една колонија, две, три или четири. Потоа, тие се развиваат во водата, бидејќи водата е од витално значење не само за луѓето, туку и за бактериите“, изјави Нуши-Латифи за Радио Слободна Европа.

Инспекторот од АХВ Стојковски за ваквите тврдења вели дека не може да коментира како е спроведена проверката на границата.

„Не би можел да навлегувам во тоа, затоа што тоа е спакуван готов производ од кој нашите колеги на граничкото инспекциско место земале мостра, не би можело да дојде до такво контаминирање, доколку во самите лабаратории каде се вршат тие испитувања каде што се носат тие мостри, не можам да дадам информација нити можам да знам. Ние се држиме до лабараториските резултати добиени по акредитирани методи од македонските лабаратории“, вели Стојкоски.

Вкупно 23 институции користат вода од косовската „Ругове“

Според податоците на Бирото за јавни набавки, минатата година вкупно 23 институции при јавните набавки склучиле договор за набавка на вода од трговската компанија „Даути Комерц“.

Меѓу нив има две министерства, неколку болници и детски градинки, од кои само две потврдија за РСЕ дека ја користат водата на компанијата „Ругове“ .

Од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека во моментов користат флаширана газирана и негазирана вода од „Природната изворска вода Ругове“ и дека до сега не добиле известување од АХВ за што да прават понатаму.

„Инаку, ЈПДП, последна проверка на квалитетот на водата Ругове направи самоиницијативно на крајот на месец октомври-почеток на ноември во 2024 година при што добивме одговор дека анализата на примерокот вода е согласно со Правилникот за посебните барања за безбедност на природна минерална вода, изворска вода и друга пакувана вода“, се вели во нивниот одговор.

Од Министерството за јавна администрација велат дека со последниот тендер склучен со Даути Комерц во декември минатата година, се корисници на таа вода, и дека договорот бил склучен по избор на добавувач со најниска цена. Тие велат дека во моментов продолжуваат да ја користат водата Ругове.

„Доколку добиеме известување од АХВ, ќе постапиме во согласност со насоките што ќе бидат дадени од надлежната институција“, се вели во одговорот од министерството до РСЕ.

Во меѓувреме од министерството за одбрана потврдуваат дека за потребите на Армијата минатата година склучиле договори со три компании за набавка на вода меѓу кои и со компанијата Даути Комерц.

„Но истата согласно договорот за јавна набавка на вода бр. 18/3-227/15 од 16.07.2024 година и анексот бр.18/3-227/20 од 10.10.2024 година, испорачува Изворска негазирана вода“, велат оттаму.

Во меѓувреме македонската Агенција за храна и ветеринарство соопшти дека под засилен инспекциски надзор се и пратки со безалкохолни пијалаци по потекло од Косово, каде во една пратка, со лабораториска анализа утврдено е присуство на аеробни бактерии.

„За секоја од наредните пратки со изворска вода и безалкохолни пијалаци по потекло од Косово, ќе се земаат лабораториски мостри за испитување на микроорганизми согласно Правилникот за посебните барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храната“ се вели во соопштението на АХВ.

Од Агенција не откриваа детали за тоа, за какво сок станува збор ниту за кој прозиводител и добавувач се работи.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија во 2008-та година. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје. Во 2015-та година е добитничка на награда од УНХЦР за професионално известување за состојбата со бегалците, како и на неколку признанија за истражувачки стории. Од 2023 година работи како истражувачки новинар во Радио Слободна Европа, главно на теми поврзани со високо-профилен криминал и корупција.

XS
SM
MD
LG