Зошто Виктор Орбан го куражи српскиот национализам?
31 март 2025Унгарскиот премиер Виктор Орбан одржува блиски односи со десничарските популисти, автократи и диктатори ширум светот - од Александар Вучиќ до Реџеп Таип Ердоган, од Бенјамин Нетанјаху до Владимир Путин. Орбан дури им помага на некои од нив да избегаат кога ќе западнат во неволја со правосудниот систем - дури и по цена унгарската држава да учествува во нелегални и активности налик на мафијашките.
Во 2018 година, Унгарија организираше бегство од Скопје во Будимпешта достојно за криминален филм на поранешниот македонски премиер Никола Груевски. Унгарски дипломатски возила биле користени за шверц на Груевски преку неколку национални граници. Наместо поранешниот шеф на владата да одлежи затворска казна во Македонија за корупција, тој доби азил во Унгарија.
Во март 2024 година, поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро привремено престојуваше во амбасадата на Унгарија во неговата матична земја - можеби за да избегне неизбежно апсење. Непосредно пред Божик 2024 година, Унгарија му даде азил на поранешниот полски заменик министер за правда Марцин Романовски, кој се бараше со европска потерница.
Налог за апсење на Додик
Најновата „спасувачка мисија“ на Унгарија е врвот на сите овие случаи. Тоа има сериозни последици за безбедносната политика за Европа, како и геополитички импликации. Станува збор за можно бегство на Милорад Додик, претседателот на Република Српска (РС), во Унгарија - барем така се сомнева босанската влада. Едно е сигурно: Орбан неодамна на својот пријател Додик му стави на располагање специјалци.
На крајот на февруари, Додик беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за политичка активност за неуставни дејствија против босанската држава, составена од РС и Федерацијата Босна и Херцеговина. Пресудата не е правосилна и се чека жалба. Сепак, минатата недела против Додик во Босна беше распишана потерница на национално ниво.
Унгарски полицајци во Босна
Како мерка на претпазливост, Унгарија на крајот на февруари испратила специјални полициски сили во Република Српска, објави лично Додик кога беше донесена пресудата против него. Станува збор за 78 припадници на унгарската антитерористичка единица ТЕК. Тие пристигнале со оклопни возила и мобилен оперативен центар.
Според унгарската влада, тоа била заедничка вежба со специјалните сили на босанските Срби. Чудно е, меѓутоа, што, спротивно на европските обичаи, тоа не беше однапред објавено. Припадниците на ТЕК влегле во земјата преку соседна Србија, без знаење на босанските власти - а некои од нив биле во цивилна облека.
Виктор Орбан се пофали дека под негово водство Унгарија е единствената земја во Европа, освен Ватикан, која е „на страната на мирот“ и се залага за мир во Украина. Меѓутоа, испраќајќи унгарски полицајци во Република Српска, тој повеќе се квалификува како соучесник на поттикнувачите на војна.
Додик со години агитира против егзистенцијата на државата Босна и Херцеговина - и постојано се заканува со отцепување на Република Српска. Конфликтот ескалира до сегашната ситуација, во која Додик отворено го занемарува судството и, во случај на негово апсење, повикува на насилство, дури и тоа да доведе до отцепување на Република Српска од БиХ.
Идејата за „Српски свет“
Додик е поддржан од српскиот претседател Александар Вучиќ, кој во однос на „Руски свет“ го пропагира концептот „Српски свет“, односно духовно и културно единство на сите Срби и нивно обединување во една национална држава. Оваа политика веќе неколку години предизвикува зголемени тензии во регионот и прави една евентуална војна во Босна или Косово да не изгледа веќе како нешто невозможно. Со поддршката на Додик и Вучиќ, Орбан значително придонесува за дестабилизација на целиот регион.
Интензивниот ангажман на Орбан на Западен Балкан трае повеќе од една деценија. Најблиски односи унгарскиот премиер одржува со Вучиќ и Додик. Балканскиот експерт Аднан Черимагиќ автократското трио го нарекува „братство“.
Меѓусебно наградување
Орбан и Вучиќ заедно иницираа инвестициски проекти вредни милијарди евра, како што е брзата железничка линија помеѓу Будимпешта и Белград, финансирана со кинески кредити. Во Република Српска, Орбан во 2021 година му помогна на Додик, кој беше финансиски тешко погоден од американските санкции, со финансиски пакет од 100 милиони евра. Една година подоцна, тој додаде и заем со ниски камати од 110 милиони евра.
Тројцата државници од „Братството“ сакаат меѓусебно да си доделуваат високи државни ордени. Во април 2024 година, Орбан од Додик го доби „Орденот на Република Српска“, кој претходно, меѓу другите, им беше доделен на Владимир Путин и Петер Хандке. Орбан, пак, на 18 февруари 2025 година на Вучиќ му го додели највисокиот орден за заслуги на Унгарија. На свеченоста во Будимпешта како гостин беше поканет Милорад Додик.
Унгарија како регионална сила
За Орбан, поддршката на земјите кандидати за ЕУ од Западен Балкан, под услов тие да се управувани од автократи од неговиот тип, е долгорочна стратешка одлука. Унгарскиот премиер се надева дека ова ќе ја зајакне неговата позиција во Европската Унија. Во исто време, Орбан се обидува да ја позиционира својата земја како регионална сила во Централна и Југоисточна Европа.
На Орбан не му се туѓи и етнонационалистичките концепти како оној на „Српски свет“. Унгарски малцинства живеат во сите соседни земји на Унгарија, а во голем број во Словачка, Украина, Романија и Србија. Барем во случајот со Украина, се чини дека Орбан не ја исклучува можноста на среден рок таа да се распадне и Унгарија да поврати делови од западниот украински регион Закарпатија. Орбан веќе редовно го нарекува својот сосед „ничија земја“ или „територија наречена Украина“.
Предупредувања од САД
И покрај сѐ, останува нејасно зошто Орбан оди толку далеку во својата посебна поддршка за Милорад Додик и Република Српска. Додик, уште поблизок пријател на Путин од Орбан, и натаму е под санкции на САД. Се шпекулира дека САД остро го критикувале распоредувањето на ТЕК во Република Српска и ја предупредиле Унгарија да не продолжува со поддршка на сепаратистичките планови на Додик.
Орбан ги уништи и односите со босанската држава во целина. Босна и Херцеговина неодамна забрани слетување на унгарски воен авион во кој беше државен секретар од владата на Орбан. Хрватскиот претставник во босанското претседателство, Жељко Комшиќ, побара Унгарија да биде исклучена од босанските мировни сили на ЕУ, ЕУФОР/Алтеа.
Унгарија би можела да има корист од рударски проекти во Република Српска, пишуваат деновиве босанските медиуми. Како што се вели, Унгарија, меѓу другото, може да добие концесија за ископ на литиум во источна Босна. Тоа за Унгарија би било интересно, затоа што Орбан сака да ја направи својата земја еден од најголемите европски производители на батерии.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик