Skip to main content
Личност на неделата

Изроди

Да, вината за убиството на Фросина Кулакова лежи во секој еден службеник кому низ рака му поминал барем еден од неговите десетици помали и поголеми кривични дела, но да не заборавиме – убиецот има име, презиме и мајка и татко.

Васил Јованов – Васо и луѓето што го направиле

Нема да ги нарекуваме родители, затоа што иако нако нема записи за работите што ги правел како малолетник, извесно е дека неговата приказна како распашан деликвент не започнала во моментот кога наполнува 18 години и добива „пежо 207“ за роденден. Без разлика што пред законот веќе е полнолетен, вината за сите простени прекшоци досега затоа што е нечие дете лежи исто толку во луѓето кои го направиле и пораснале тоа дете.

Во 2023 година, скоро откако го добил автомобилот кој се води на име на неговиот татко, предизвикал сообраќајка која резултирала со тешки телесни повреди на учесниците. Тој немал возачка дозвола, а и ден денес нема затоа што никогаш не ни полагал за неа.

Неговата криминална кариера продолжува со над 10 прекршочни пријави од сообраќајната полиција за управување без возачка дозвола, брзо возење и кршење на сообраќајни правила.

Но, покрај овие престапи, тој често бил фаќан и со помала количина на дрога.

Конечно, во март 2024, за некое чудо, некој решава да спроведе и полициска рација во неговиот дом, кога таму се запленети 80 паковања со амфетамин, за што конечно добил и кривична пријава од МВР за недозволена трговија со дрога.

Исто така, за чудо, овојпат Обвинителството не останува глуво на оваа кривична пријава и бара мерка притвор.

Но, иако во почетокот на постапката тој е во притвор, кога скопското обвинителство поднело обвинение со предлог за продолжување на притворот, Кривичниот суд ја укинува притворската мерка за обезбедување и одлучува овој полнолетен криминалец да биде испратен во воспитно-поправниот дом во Тетово како помлад полнолетник.

Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда со која на обвинетиот му изрече заводска мерка упатување во воспитно-поправен дом Тетово, третирајќи го сторителот како помлад полнолетник. Во текот на целата постапка, токму по предлог на јавниот обвинител лицето беше во притвор, а при изрекување на пресудата Судот ја укина притворската мерка за обезбедување, се огласија вчера од ОЈО Скопје, по обвинувањата во медиумите за нивната вина во приказната за Јованов.

Од таму додаваат дека „незадоволен од пресудата на скопскиот кривичен суд, имајќи го предвид претходно поведениние на сторителот, јавниот обвинител ја обжалил одлуката на Судот“.

Трагичното што месеци подоцна „предметот во моментов е во жалбена постапка“, а тој до средата на полноќ беше слободен.

Oва е негова објава кобната вечер:

Осомничениот 20-годишник на 29 јануари управувал патничко возило „пежо 207“ по десната сообраќајна лента од булевар ‘Партизански одреди’. Автомобилот го управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол со 0,82 промили присуство на алкохол во урина, со што го довел во опасност животот на луѓето. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата со улица ’29 Ноември’ не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот и сообраќајот и другите сообраќајни услови за да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка. Пред пешачкиот премин регулиран со семафори, кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот – жртва Фросина Кулакова, велат од Обвинителството.

 Фросина поминувала на обележан пешачки премин. Загинува на лице место.

Пред точно 10 години на истото место на ист начин загинува нејзина истоименичка. Убиецот на 19-годишната Фросина Цековска на рочиштата со арогантна насмевка седеше пред родителите и оние што ја сакаа.

Се сеќавам на првото судење, кога сеуште не знаев ни како изгледаш, се молев пред судницата да не си си ти оној кој ќе седне на обвинетото столче, гледајќи те претходно како без срам стоиш пред сите нас, без ниту малку совест, смеејќи се со другарот твој и твојата одбрана. Па јас те прашувам како не ти е срам? Како можеше без ниту малку совест да ја гледаш мајка и во солзи на секое судење, како можеше да го гледаш татко и кој одвај успеваше да остане смирен. Постојано бараше одложување на судењата, во првото судење, на последното рочиште не се појави со изговорот дека претходната ноќ си бил на Галичник и ти се слошило. Додека тебе одмарајќи на Галичник ти се лоши, девојчето кое го прегази лежеше во својот вечен дом – само да те потсетам, ќе му напише тогаш другарката на Фросина, Исидора.

Но, денес тој е на слобода, зошто доби само 6,5 години затворска казна.

Зошто би верувале дека и овојпат приказната ќе е различна?

И да немате верба во сè она што ќе следува во овој случај, за Фросина, за секој еден што ја сакал и запознал, ама и за секој еден од нас што секој ден поминуваат на тој и на сите пешачки премини низ Скопје, барем еднаш да сме обединети и да кажеме идете у три лепе.

Ве чекаме во 13 часот.



Поврзани вести