Македонија
(Видео) Талески: Мицкоски не може да не знае, втор обезбедувач од неговиот круг фатен во контакт со подземјето

Оваа Влада и ДПМНЕ се очигледно сериозно вмешани во криминал, а лица од најголема доверба на премиерот во континуитет се во комуникација со подземните наркокланови. Имаме сериозни причини да прашаме: Дали сме сведоци на целосна криминализација на ВМРО-ДПМНЕ и Владата предводена од Христијан Мицкоски, прашува Миле Талески, пратеник од СДСМ.
Фактите, како што вели, се загрижувачки и алармантни.
„Ангел Самараков, човек од најтесното обезбедување на премиерот Мицкоски, е фатен како одава доверливи информации на лица од скопската населба Грчец – средина добро позната по активностите на организираниот криминал. Самараков не е случаен обезбедувач што се нашол до премиерот. Тој е лојален партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Неговата сопруга е вработена во Општина Велес и беше кандидат за советник на локалните избори – исто така од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Ова значи дека се работи за човек од најблискиот круг на доверба на Мицкоски. А ова не е изолиран случај“.
Според него, пред само неколку месеци шефот на обезбедувањето на премиерот нападнал полицаец, кој бил на должност за време на акција за борба против дрога. Се обидел да ја спречи полицијата во претрес во скопски локал, случај за кој јавноста дозна, како што вели, само откога медиумите го објавија, па не можеше да се крие.
„Два инцидента, двајца блиски луѓе до Мицкоски и два обида од МВР да се прикрие скандалот. Двапати вистината излезе на виделина само благодарение на медиумски притисок“.
Од неговата партија прашуваат зошто луѓето од доверба на премиерот имаат соработка со подземјето.
„Дали ова е случајна состојба или организирана шема? Дали веќе не зборуваме за Влада, туку за структура длабоко поврзана со криминални мрежи? И клучното прашање: Како обезбедувачот имал такви документи, кој му ги дал доверливите информации? Кој друг е вклучен во скандалот од МВР? Само една година откако ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта, државата се соочува со бранот најсериозни криминални инциденти и улични пресметки во последната деценија“, констатира тој.
Според Талески, дали државата ја води Владата или криминалното подземје преку луѓето на Мицкоски?
Ова, оценува, не е политички напад, туку аларм.
„Ако премиерот на една држава се опкружува со луѓе што ја саботираат полицијата и им пренесуваат тајни на криминалци – тогаш прашањето е: кој навистина ја води државата?“
СДСМ бара итна и целосна истрага. Бараат политичка и институционална одговорност и граѓаните да знаат што се случува зад затворените врати на оваа власт.
„Ова не е борба за власт. Ова е борба за каква држава ќе бидеме – правна и безбедна или заробена од мафијата“, напоменува Талески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
По голготата со лифтовите во зградата на МТВ кои не работеа, најпосле се сервисирани

Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР) ги сервисираше и стави во целосна функција сите четири лифтови во зградата на МТВ во која канцелариски простории користат над 20 државни институции.
„Лифтовите сега се целосно оперативни и обезбедуваат сигурен, брз и лесен пристап до сите катови, што значително го подобрува функционирањето на институциите и услугите кои ги нудат“, велат од Владата.
Во изминатите години, лифтовите во зградата често беа неисправни, што создаваше големи проблеми за вработените и граѓаните кои имаа потреба од завршување административни работи во некоја од државните институции, што ја отежнуваше работата во институциите и пристапот до важни услуги.
Зградата на Македонската радио телевизија има 24 ката.
Македонија
Минчев и унгарскиот амбасадор: „Важна е размената на добри искуства и практики“

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска оствари протоколарна средба со амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, Андраш Клеин.
На средбата се разговараше за унапредување на билатералната соработка во областа на јавната администрација и професионализацијата на административните служби.
Двајцата соговорници ја истакнаа важноста на размената на добри практики и искуства, како и можностите за зајакнување на институционалната соработка преку проекти поддржани од ЕУ и билатерални иницијативи.
Министерот Минчев изрази благодарност за досегашната поддршка од Унгарија и ја потенцира подготвеноста на Министерството за понатамошна соработка во насока на модернизација на јавниот сектор и приближување кон европските стандарди.
Амбасадорот, од своја страна, ја нагласи определбата на Унгарија за продолжување на партнерството со Република Македонија, особено во контекст на европските интеграции и реформите во јавната администрација.
Средбата помина во пријателска и конструктивна атмосфера, а двете страни изразија подготвеност за интензивирање на комуникацијата и конкретизирање идни иницијативи од заеднички интерес.
Македонија
Таткото на Вања: Во полицијата нѐ убедуваа дека се регрутирала за ИСИС и избегала во Шведска

Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања Ѓорчевска, кој е еден од осомничените за случајот, денеска првпат сведочеше во Основниот кривичен суд во Скопје.
Тој тврди дека нема инволвираност ниту со случајот ниту со обвинетите, кои не ги познава, а и не може повеќе да ги гледа.
„Немам никаква инволвираност со овие луѓе, од чии искази во текот на постапката забележавме дека не чувствуваат ниту вина ниту се каат. Тие демонстрираат гнев и разочарување од ‘царот’“, рече тој мислејќи на првообинетиот Љупчо Палевски-Палчо, кој бил запишан „царот“ во телефонот на обвинетот Кешишев.
На секое рочиште сведочеше осомничениот татко, слушам што му правеле на моето дете. Кој имал задача да ја грабне и да ја врзе, ја трескале во багажници, ја ставале по вреќи. Се обидувале да ги замачкаат доказите.
Рече дека од самиот почеток полицијата се сомневала во него. Тапкале во место, му покажувале фотографии од девојчиња, да потврдат дали тоа е Вања, ги убедувале дека не си го познаваат детето, дека Вања избегала со некој дечко накај Тетово или решила да помине пат од 4 илјади километри до Шведска.
„Од комјутерот на Вања дознаа дека со другарче од платформата ‘Дискорт’ разменувале мислења и ги споредувале Библијата и Куранот, па нѐ убедуваа дека се регрутила наводно за ИСИС и отпатувала во Шведска. ИСИС, јас и не знам што е тоа. Еден од испекторите, Кире се викаше, зборуваше на дијалект од источна Македонија, на еден од долготрајните состаноци во полициската станица. Му се обратив со повисок тон, цитирам: ‘Киднапирана е, Кире, киднапирана е’. Не е дека по своја волја скршнала од патот кон училиштето“, сведочеше таткото.
Вели дека на состаноците во полицијата го правеле ретардиран во целата ситуација, а истрагата била водена во погрешна насока.