АктуелноОхрид

Сметот од Охрид, Струга, Вевчани и Дебарца ќе се одлага на депонија во Новаци, изгласано од битолските советници

Советот на Општина Битола едногласно го прифати предлогот за меѓуопштинска соработка за отворање на регионалната депонија во Новаци заедничка и за Битола, Охрид, Струга, Прилеп, Крушево, Долнени, Могила, Кривогаштани, Битола, Демир Хисар, Ресен, Кичево, Дебар, Пласница, Центар Жупа, Вевчани, Дебрца и Македонски Брод.

Оваа одлука на Советот доаѓа по иницијатива со која Општина Новаци го прифати предлогот на нејзина територија да се гради регионална депонија за потребите за одложување и преработка на сметот од 18 општини во југозападниот дел од државата. Едногласно беше изгласана и одлуката за формирање на заедничка комисија за основање на заедничко јавно претпријатие за регионално управување со отпад меѓу наведените општини.

Повеќе од 10 години се договара отворање на регионална депонија во срцето на најплодната житница во државата – Пелагонија, на локација на која претходно РЕК „Битола“ експлоатираше лигнит.

Новата регионална депонија ќе биде сместена наспроти постојната дива депонија Мегленци што ја управува ЈКП „Комуналец“ од Битола. Таа ќе се гради североисточно од селото Новаци на околу 5,3 км, или 2,4 км југозападно од селото Мегленци кое е најблиско населено место. Пелагонискиот и југозападниот регион има нерегулирани диви депонии со голем ризик за животната средина, па планот предвидува нивно затворање. Само во битолско има над 200 диви депонии.

Како што првично беше кажано од Министерството за животна средина, трошоците за изградба на регионалната санитарна депонија во Новаци и набавката на потребната опрема за санитарно депонирање на отпадот ќе бидат 22 милиони евра.

На последната седница на Советот на општина Битола, во петокот, беа отворен две дилеми, каде ќе поминуваат возилата со сметот од сите општини вклучени во проектот ако се знае дека еден е патот кој од Битола води кон Општина Новаци, односно тој е истиот пат кој од Битола води кон РЕК „Битола“. И вториот момент дали со овој голем проект општините ќе добијат нови камиони за транспорт на отпадот, оти сегашните се стари. Советниците исто така реагираа дека не го знаат проектот за регионалната депонија, а треба да го гласаат.

Советот изгласа заклучок да се задолжи Комисијата за животна средина во наредните две недели да се закажи јавна расправа на која ќе се добијат подетални информации во врска со изградбата на регионалната депонија во Пелагонија.

 

 

 

ohridpress.com.mk