Хорхе Луис Борхес

25.10.2024 14:37
Хорхе Луис Борхес

„Историјата на универзумот… е ракописoт што го создава минорниот бог за да комуницира со Демонот”.

Хорхе Луис Борхес го совладал расказот до совршеност - ниту едно негово дело не е подолго од четиринаесет страници. Постојано цитирал од други, но на начин кој е речиси лесен и духовит. Отсекогаш создавал различни инспиративни светови, секој поинтригантен и помистериозен од претходниот.

Борхес е роден на 24 август, 1899 година во Буенос Аирес, како син на адвокат и жена што потекнувала од долгата низа борци за слобода. И двајцата негови родители зборувале и читале на англиски и шпански. Бабата на Борхес од страна на таткото била родена во Стафордшир. Поради сите овие причини, Борхес можеби не претерувал кога подоцна рекол дека како дете на почетокот не сфаќал дека англискиот и шпанскиот се посебни јазици.

Со својата помлада сестра Нора измислувал имагинарни пријатели, игри и авантури, шетајќи низ библиотеката и градината на куќата. Во некоја прилика својата колекцијата од илјада книги на неговиот татко ја опишал како „главниот настан во мојот живот“. Борхес бил кратковидно дете кое обожавало да чита книги и кое не одело на училиште до својата деветта година. Отсекогаш се мислело дека Хорхе ќе стане писател и токму на таа рана возраст неговиот шпански превод на „Среќниот принц” на Оскар Вајлд бил објавен во локалниот весник. До дванаесет години го читал Шекспир на англиски јазик.

Кога Борхес имал петнаесет години неговиот татко бил принуден да се пензионира поради слабиот вид и семејството се преселило прво во Париз во 1914 година, па потоа во Женева, за да може да се консултира со очен специјалист. Децата четири години го посетувале универзитетот „Калвин”. Таму Борхес го научил францускиот јазик и ја открил француската симболистичка литература, Шопенхауер, Волт Витман, па дури и стекнал неколку пријатели.

Кога имал дваесет години семејството се вратило во Буенос Аирес, каде што тој рецитирал, читал и пишувал поезија: неговата прва збирка била објавена неколку години подоцна. Претходно, на пат за Аргентина (1919 година), неговото семејство застанува во Шпанија, каде Борхес ќе пишува и ќе се движи во круговите на ултраистичката авангарда. По враќањето во Аргентина (1921), учествувал во основањето на списанијата (Призма, Проа), со неколку млади писатели кои се собрале околу М. Фернадес.

Имал и краток политички ангажман, но неговиот ентузијазам набрзо спласнал, кога се покажало дека неговиот избран херој е незаинересиран и неефикасен и бил заменет со серија репресивни воени хунти.

Во текот на своите дваесетти години, Борхес се посветил на пишување приказни и написи за списанија, чудни надреални приказни како оние во збирката кратки раскази насловена „Универзалната историја на срамот”, со неговиот карактеристичен спој на факти и фикција. За да врзе крај со крај, станал општински библиотекар, каде што работел нешто што не бара голема умешност и не носи престиж, со просечни и прилично неинспиративни колеги. Се чини дека поминувал голем дел од своето време во подрумот, читајќи или преведувајќи ги книгите.

Пресвртната точка се случува во 1938 година кога прво починал неговиот татко, а потоа Борхес по мала повреда развил септикаемија, која за малку ќе го убиела. Откако се опоравил, плашејќи се дека повеќе нема да може да пишува, ја напишал „Пјер Менар, автор на Дон Кихот”, првата од генијалните и високо оригинални приказни по кои е најдобро познат, секогаш базирани на фантастични интелектуални метафори, во овој пример позајмена од шкотскиот есеист и историчар Томас Карлајл. Тука се и другите негови познати збирки раскази: Измислици (1944), Алеф (1949), Извештајот на Броди (1970) и Книга од песок (1975).

За него се тврди дека е еден од претходниците на латиноамериканскиот „магичен реализам”, но влијаел и на фантастичниот и научно-фантастичен жанр.

Понекогаш знаел да објави лажни приказни напишани заедно со неговиот пријател Адолфо Биој-Касарес (автор на „Инвенцијата на Морел”, еден од најсовршените и најпрогонувачки некогаш напишани романи), користејќи го апсурдно смешниот псевдоним Х.Бустос Домек.

Откако во 1946 година Хуан Перон бил избран за претседател на Аргентина, Борхес бил назначен за „инспектор за живина и зајаци на јавните пазари” - како одговор на серијата политички написи што ги пишувал критикувајќи го подемот на фашизмот. Борхес бил либерал, антифашист, но подеднакво бил и антикомунист. Набрзо бил отпуштен од работа, па во тој контекст забележал:

„Диктатурите поттикнуваат потчинување, диктатурите поттикнуваат суровост. Уште погрозен е фактот што поттикнуваат глупaвост. Да се борат против тие тажни монотонии е една од многуте должности на писателите”.
По извесно време, станува професор по книжевност, а на секое негово предавање присуствувал полициски информатор.

Во 1955 година политичката ситуација повторно се променила: под попрогресивната влада, Борхес бил назначен за директор на Националната библиотека. Следната година, бил избран за професор по англиска и американска литература на Универзитетот во Буенос Аирес.

Многу порано, уште во 1927 година, видот почнал да му слабее а кон крајот на педесеттите потполно ослепел. Слепилото што го погодило неговиот татко се покажало како наследно. Во своите дваесетти, Борхес ја имал првата од повеќекратните операции на катаракта и ниту една од нив не била успешна. Долго време бил целосно слеп, па оттука и неговиот коментар:

„Зборувам за Божјата прекрасна иронија што ми подари 800.000 книги и темнина”.

Слепилото било една од причините што го вратиле кон поезијата, форма која полесно се составува целосно во главата и се задржува во меморијата. Во едно интервју тој вели:

„...Може да се каже дека постои нешто прочистувачко во слепилото. Прочистува од визуелните околности. Околностите се изгубени, а надворешниот свет, кој секогаш се обидува да нѐ зграпчи, избледува”.

Во истиот временски период ја развил и својата љубов кон англосаксонската и нордиската литература. Интересен е податокот дека на гробот на Борхес во Женева стои натпис од староанглиската поема „Битката кај Малдон”. Поемата ја слави вистинската битка кај Малдон од 991 година, во која англосаксонската војска не успеала да се одбрани од викиншки напад. Од песната се сочувани само 325 реда, почетокот и крајот се изгубени.

Во 1961 година Меѓународната награда „Форментор”(1961) Борхес ја поделил со Семјуел Бекет, настан кој му ги отворил вратите на западниот свет. Оттогаш станува глобална книжевна суперѕвезда, патувајќи и одржувајќи предавања во Америка и Европа. Бил преведуван на англиски јазик особено по 1967 година. Наградата „Сервантес” му била врачена во Мадрид 1980 година.

Неговиот прв брак со старата пријателка Елза Астете Милан, не бил успешен. Потоа почнал да комуницира со една од неговите студентки, Марија Кодама. Таа била Аргентинка со јапонско потекло, која започнала како негова секретарка, а завршила како негова сопруга.

Враќањето на Хуан Перон на претседателското место во 1973 година значело дека Аргентина повторно станува непријатно место за Борхес. Во едно интервју тој вели:

„Проклетство, снобовите се вратија на седлото. Ако нивните плакати и слогани повторно го извалкаат градот, ќе ми биде драго што го изгубив видот. Па, тие не можат да ме понижат како што тоа го правеа пред моите книги да почнат да се продаваат толку добро”.

Политичката ситуација, заедно со смртта на неговата мајка на 99-годишна возраст, значеле дека тој повторно поминува повеќе време во странство. Во врска со односот со Кодама составил патувачки атлас на неговите ракописи и нејзините слики. Конечно, на 14 јуни 1986 година во Женева, на 86-годишна возраст, Хорхе Луис Борхес починал од рак на црниот дроб.

Извор:https://farmerofthoughts.co.uk 

ОкоБоли главаВицФото