1010 hPa
44 %

13 °C
Скопје - Пет, 11.04.2025 19:59
„Може да прашам нешто?“, се јавува Зеленски. Венс му го препушта зборот.
„Значи, тој (Путин) окупираше големи делови од истокот на Украина и Крим во 2014 година. Се менуваа претседатели – Обама, Трамп, Бајден, сега повторно е Трамп, и се надеваме дека тој сега ќе го запре. Но во 2014 никој не го запре, тој само окупираше, се убиваа луѓе.“
„2015“, го исправи во тој момент Трамп за годината на окупацијата на Крим.
„2014“, сега повторно Трамп го исправија Венс и Зеленски во еден глас.
„2014?“ – овој пат прашално повторува Трамп. „Тогаш не бев тука.“ Не беше ниту во 2015, првите избори ги доби во 2016. Не станува збор за тоа каде бил Трамп во некој момент, неговата забелешка е бизарна и механичка во однос на темата.
„Од 2014 до 2022 ситуацијата беше иста, луѓе умираа на линијата на конфликтот, никој не го запре. Имавме многу разговори со него (Путин), јас во 2019 потпишав договор, бевме тој, јас, Макрон и Меркел и потпишавме примирје. И тие ми рекоа дека нема повторно да нападне, но тој нападна. Повторно убиваше луѓе и не ги размени затворениците, иако и тоа го потпишавме. За каков вид дипломатија зборуваш ти, Џеј-Ди?“
Ова што го зборува Зеленски очигледно не е во склад со протоколот, би требало да спаѓа во затворениот дел од состанокот. Тој го прекршува протоколот зашто знае дека од американските гаранции за прекин на конфликтот нема ништо и сака за тоа да зборува јавно. Во тој момент започнува целосниот колапс на Трамп и Џеј-Ди Венс; кога подоцна повторуваат дека Зеленски бил „без почит“, не станува збор всушност за содржината на тоа што го зборува, туку за тоа што ја изнесува ситуацијата надвор од контрола пред медиумите.
„Во моментов ги терате воените обврзници на првата линија на фронтот зашто имате проблем со недостаток на луѓе, треба да му бидете благодарни на претседателот што се вклучи во овој конфликт“, со зголемен глас и гестикулирајќи изговара Џеј-Ди Венс.
Проблемот е што Трамп воопшто не се „вклучи во конфликтот“, тој на Украина ѝ нуди договор за искористување на украинските руди во замена за ништо, односно за претпоставката дека Путин ќе запре со војната за Трамп да ги експлоатира рудните богатства кон кои аспирации има и самиот Путин, а речиси половина се наоѓаат на територија под негова окупација.
„Само зборував за нашите проблеми. Дали некогаш си бил во Украина и си видел какви се нашите проблеми?“ Кога камерата го прикажува Зеленски, за прв пат во текот на снимката има многу цврсто скрстени раце на градите.
„Бев, јас всушност...“
„Дојди еднаш.“
Џеј-Ди Венс (ја довршува реченицата по прекинот): „...но гледав, видов репортажи.“
(Една недела претходно, зборувајќи за Трамп, Зеленски вели дека тој „живее во простор на дезинформации“, очигледно мислејќи на неговото претерано присуство на Твитер и водењето Твитер политика).
Следува содржина што би можела да влезе во прирачници за основи на вербално злоставување, нарцисоидни и психопатски испади (господ знае кои се кои, во пракса доаѓа на исто) и базичните принципи на психолошка манипулација и тортура.
„Кога ги повикувате луѓето, ги водите на пропагандни екскурзии“, одговара потпретседателот на Америка на прашањето зошто е подобро да се информираш без да одиш во земја со која интензивно се занимаваш. „Пропагандните екскурзии“ се совпаѓаат и со претходната изјава на Трамп дека Зеленски е диктатор, а покрај тоа, подразбираат дека во Украина постои „друга вистина“ освен разурнатите градови и изгорените села, вистина што Зеленски не ја покажува. „Се согласуваш дека имаш проблем со мобилизацијата?“ – му вели Трамп на Зеленски кој е претседател на држава во која веќе четири години беснее војна, додека воените операции сè уште се одвиваат со полн интензитет и без големи изгледи дека наскоро ќе завршат. „И мислиш дека покажуваш почит така што во Овалната соба ја напаѓаш администрацијата што се обидува да ја спаси твојата земја?“ – тонот на Венс е покачен. Зеленски се обидува да го прекине по првото прашање, но не успева, чека додека Венс ја заврши реченицата.
„Тоа се многу прашања“, конечно изговара Зеленски. Рацете му се толку цврсто скрстени што едната дланка му е целосно под пазувата. Венс се согласува дека се многу прашања.
Трамп мижи, на прв поглед изгледа како да задремал, но веѓите му се извишени, а мускулите на лицето не се опуштени како кај заспана личност. Меѓу Зеленски и Венс во Овалната соба и на овалната масичка буквално стои овал од сребро или нерѓосувачки челик. Поставен е вертикално и кога Венс е во кадар во него се гледа деформиран одразот на главата на Трамп.
„Прво, кога има војна, сите имаат проблем. Дури и вие, кои имате убав океан и сега не го чувствувате тоа. Но ќе го почувствувате во иднина.“
Трамп е буден. „Не ни кажувај како ќе се чувствуваме, ние се обидуваме да го решиме проблемот. Не си во позиција да одредуваш како ќе се чувствуваме. Ќе се чувствуваме одлично.“
„Тоа ќе има последици и за вас“, Зеленски ги спушта рацете и гестикулира.
„Не си во добра позиција во моментов.“
„Од почетокот на војната...“
„Дозволи да бидеш во многу лоша позиција. Во моментов немаш добри карти, само со нас добиваш добри карти.“
„Јас не играм карти.“
„Играш. Се коцкаш со животите на милиони луѓе. Се коцкаш со Трета светска војна“, извикува Трамп, ни една минута откако негираше дека војната во Украина може да влијае на САД.
„Се коцкаш со Трета светска војна и тоа што го правиш е многу нечесно кон оваа земја.“
Зад Трамп се гледа камин полн со огревно дрво што не гори.
Кадарот се проширува за да го опфати и Џеј-Ди Венс, кој има прашање за Зеленски. Свесен дека ќе биде во кадар штом прозбори, Венс ја поправа краватата за да не му се заглави помеѓу стомакот и препоните. „Дали барем еднаш се заблагодари за време на целиот овој состанок? Беше во Пенсилванија во октомври и лобираше за опозицијата, дали изговори барем еден збор во знак на благодарност кон Америка и претседателот кој се обидува да ја спаси твојата земја?“ Трамп во октомври воопшто не беше претседател на САД, но очигледно е дека Џеј-Ди Венс не мисли на Бајден, туку на Трамп. Исто така, од разговорот е јасно дека Трамп и Венс не веруваат дека постои каков било континуитет на власта помеѓу Бајден и Трамп, како Бајден воопшто да не ги добил изборите, како да ги добил во некоја друга земја или како земјата со Бајден на чело да била генерално некоја друга земја. Под „благодарност кон Америка“, Венс подразбира благодарност на Зеленски кон Трамп. Не станува збор за благодарност во смисла на учтивост, туку всушност му се префрла што не го поддржал Трамп на изборите и не направил ништо за него за да можат да разменуваат услуги.
„Ако мислиш дека со тоа што зборуваш гласно за војната...“ – се обидува нешто да каже Зеленски.
„Не зборува гласно, воопшто не зборува гласно“, Трамп е уште погласен од Венс. „Твојата земја е во голема неволја.“ Трамп, гестикулирајќи, речиси го допира Зеленски со раширените прсти од десната рака.
„Може ли да одговорам?“
„Не, доволно зборуваше. Твојата земја е во голема неволја.“
„Знам“, успева да се уфрли Зеленски.
„Не ме слушаш. Нема да победиш. Имаш шанса да се извлечеш поради нас.“
„Претседателе, мојата земја храбро се држи од почетокот на војната, а се бориме сами. И сме благодарни, Ви благодарам...“
„Поранешниот глупав претседател (Бајден) ви даде 350 милиони долари, воена опрема...“ Оваа бројка веќе неколку пати беше демантирана, но на Трамп тоа не му е важно, му одговара да наведува што поголем износ.
„Ме повикавте овде... ме повикавте да зборувам...“ Говорат истовремено, Трамп сè побрзо и погласно, така што веќе не е можно точно да се разбере што се обидува да каже Зеленски.
„Да не ја добиевте нашата помош во оружје, оваа војна ќе беше завршена за две недели.“ Иако помошта во оружје ја обезбедил „глупавиот Бајден“, Трамп одеднаш ја менува позицијата и си ги припишува заслугите.
„За три дена, тоа веќе го слушнав од Путин.“
„Ќе биде ужасно тешко вака да се работи, да знаеш“, низ слојот крема за самопотемнување на Трамп веќе на средината од разговорот пробиваат црвени флеки, неговата природна боја на кожата. Со лутина се врти од Зеленски, кадарот повторно се проширува за да го вклучи Венс.
„Јас би се заблагодарил, но имаме несогласувања, и треба да работиме на нив, наместо да се расправаме пред американските медиуми кога грешиш. Знаеме дека грешиш.“
Се чинеше дека Трамп заврши со репликите, но повторно се подигнува од „заспаната“ положба, ги испружува дланките пред себе со широко раширени прсти, му се обраќа на Венс: „Знаеш, мислам дека е добро за американскиот народ да види што се случува. Затоа и дозволувам ова да трае толку долго.“ Потоа почнува да го повторува она што веќе го кажа, но со помирен, разумен тон. На соговорникот кој го разлути му дава уште една шанса да ја исправи својата грешка.
„Мораш да бидеш благодарен. Немаш добри карти. Закопан си таму, луѓето ти умираат, имаш сè помалку војници. Имаш сè помалку војници.“
„Господине претседателе...“, Зеленски ја подига раката до вратот во гест како да му пречи јаката, но нема јака – облечен е во памучна маица со украинскиот грб.
„И ни велиш дека не сакаш примирје. Ти не сакаш примирје. Ако можеш да добиеш примирје, прифати го, за да престанат куршумите да летаат и твоите луѓе да гинат.“
„Се разбира, но јас сакам да ја запрам војната.“
„Но, не сакаш прекин на огнот.“
„Со гаранции.“
„Затоа што ќе добиеш примирје побрзо отколку договор.“
„Прашајте ги Украинците за примирјето.“ (Повторно реферира на тоа дека потпишал примирје со Путин во 2019.)
„Тоа нема никаква врска со мене, тоа беше типот што се вика Бајден и не е многу паметен.“
„Но, тоа беше вашиот претседател.“
„Обама ви даваше чаршафи.“ (Обама ѝ обезбеди на Украина помош што не беше воена.)
„Тој ви даваше чаршафи, а јас Џавелини.“ (Ракети, Трамп во претходниот мандат ја одобри продажбата на овој ракетен систем на Украина.)
„Мораш да бидеш поблагодарен, да ти кажам: немаш добри карти. Со нас имаш добри карти, без нас ги немаш.“ Трамп престанува да мафта со раширените прсти, ги спушта рацете, ги поправа краевите од сакото.
Новинарка од публиката го препознава моментот и му поставува прашање:
„Што ако Русија го прекрши примирјето?“
„Што ако било што, што ако во моментов ви паднат бомби на глава?“ Шансата на новинарката во Белата куќа да ѝ падне бомба на глава ниту статистички ниту логички не е споредлива со можноста Русија да го прекрши примирјето, таа шанса едвај да е реална.
„Не знам, тие (Русите) го прекршија примирјето со Бајден зашто не го почитуваат, не го почитуваа ниту Обама, мене ме почитуваат.“ Оваа реплика целата сцена ја сместува во филмски цитат, тоа е моментот од филмот Кум, кога Бонасера доаѓа кај дон Вито Корлеоне да „бара правда“. („Сега доаѓаш кај мене и велиш – Дон Корлеоне, дај ми правда. Но, не бараш со почит. Не нудиш пријателство. Дури не ме нарекуваш ни кум. Наместо тоа, доаѓаш во мојата куќа на денот кога ќерка ми се мажи и бараш да убијам за пари.“)
Случајно или не, во моментот кога се отвора темата за „почитта“, се отвора и нешто што наликува на нарцисоидна повреда од учебник.
Трамп повторно ги крева рацете и ги шири прстите кон публиката: „Да ви кажам, Путин со мене помина низ многу работи, помина низ ловот на вештерки, го обвинија него и Русија, тоа беше лажен скандал што го создаде Џо Бајден (скандалот со претходните Трампови избори што никогаш не беше демантиран), Хилари Клинтон, подмолниот Адам Шиф, измамата на демократите. Тој (Путин) мораше да го издржи тоа. И го издржа, не започнавме војна поради тоа. Го обвинија за сето тоа, а тој не беше виновен, сè произлезе од Бајденовата бања и кујна, беше одвратно, пеколниот лаптоп што го произведе Русија, 51 агент, сето тоа Путин мораше да го издржи.“ Додека го изговара ова, се гледа дека Трамп навистина длабоко сочувствува со ужасот на кој бил изложен Путин, а бил изложен, исто како и тој, на „непочитување“. И тоа оти Путин го поддржал Трамп на изборите. Конечно ја гледаме човечката страна на Трамп – неговиот однос со Путин е автентичен, иако е јасно дека не е сигурен дали таа љубов е обострана. Фактот што Зеленски бара гаранции бидејќи од 2021 година Путин во Украина убил повеќе од 12000 цивили, 43000 војници, расели речиси 4 милиони луѓе и зазеде и срамни со земја 20 проценти од територијата, Трамп го доживува како најдлабока лична навреда, оти го тестира неговиот личен однос со Путин. Според типот на карактерот на протагонистот, тој однос пред сè мора да биде материјален, а од тоа произлегуваат и емоционалните и моралните категории: почитта, уважувањето, меѓусебната лојалност, благодарноста и разбирањето.
Запис на разговорот и коментари: Слаѓана Буковац
Карикатури: Nick Anderson