Македонија
Тошковски не кажа како службена тајна завршила кај обезбедувачот на премиерот за да не ја осуети истрагата

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и утрово порача дека неселективно ќе се бори против криминалците и кога тие доаѓаат од редовите на Министерството за внатрешни работи, но не кажа како документите класифицирани како службена тајна завршиле кај обезбедувачот на премиерот Христијан Мицкоски. Одговарајќи на новинарски прашања по обраќањето на дебатата „Безбедноста на пешаците – одговорност на сите нас“, министерот Тошковски најави дека ќе сподели детали кога ќе заврши истрагата.
„Во овој момент не би сакал да откривам детали од истрагата. Кога ќе ги имаме потребните информации и кога ќе можеме, ќе ги споделиме“, кусо одговори министерот Тошковски на прашањето како обезбедувачот дошол до документите што ги користел за изнуда.
Тошковски потврди дека е вознемирен од случајот исто како и другите припадници на МВР.
„Сите во МВР се вознемирени кога гледаат дека некој криминалец се прикривал со униформа, без разлика дали таа униформа е свечена, дали е тактичка или униформа што ја носат припадниците на одделот за обезбедување имот и лица“, рече министерот Тошковски.
Кривичната пријава против обезбедувачот на премиерот за Тошковски е иста како и кривичните пријави што во минатото биле поднесувани против криминалците од редовите на МВР. Одделот за внатрешна контрола по добиените информации за случајот во рамките на спроведувањето на истрагата, веднаш известил надлежен јавен обвинител, кој уште истата вечер издал наредби да се преземат дејства.
Обезбедувачот на премиерот за 50.000 евра откривал полициски службени тајни од истрага. Обвинителството извести дека тој на 30 март годинава, на паркинг пред хотел во Велес се сретнал со сведок во постапка и му покажал документи на МВР, кои се службена тајна. Обвинителството побара, а судот прифати 30-дневен притвор за обезбедувачот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вицепремиерот Николоски во работна посета на високо ниво на Велика Британија

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, од попладнево е во дводневна работна посета на Обединетото Кралство, каде ќе оствари работнa средбa со Герет Томас, министер за бизниси, извоз и услуги, средба со министерот за Европа, Стефан Доти, како и со Дејм Карен, специјален пратеник на премиерот на Велика Британија за Западен Балкан. Исто така предвидени се средби и со претставници од бизнис заедницата во Лондон.
Тема на работните средби е зацврстување на стратешката соработка меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство.
Предвидено е на средбите да се разговара за економската и трговска соработка со посебен фокус на инвестиции во инфраструктурниот сектор.
Покрај економските теми, ќе се потврдат и добрите политички односи меѓу двете земји.
Обединетото Кралство е стратешки партнер на Република Македонија во НАТО Алијансата и земја на второ место со која остваруваме најголем обем на трговска размена.
Македонија
Левица: Љутков ги повикал сметководителите надвор од работно време да изготвуваат плата спротивно на Колективниот договор

По денешниот протест на вработените во културните установи, кои за велигденските празници останаа без плата, попладнево им била дадена насока на директорите од културните установи да ги повикаат повторно на работа сметководителите за да пресметаат плата, но по нова методологија која деновиве ја изготвило Министерството за култура заедно со Министерството за финансии, тврдат од партијата Левица.
Од таму додаваат дека новата методологија, како што велат од Синдикатот за култура, не е според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура. Според Левица, и натаму остануваат спорни 10% од Општиот колективен договор за кои немало јасни насоки како да се пресметуваат.
„Додека вработените во културата протестираа, Министерството изготви сосема нов начин на исплата на платите според кој спорните 10% од Општиот колективен договор треба да се пресметуваат на поинаков начин, но институциите не почнале да ја изготвуваат платата затоа што насоките биле нејасни, а воедно не биле ни потпишани од министерот за култура, Зоран Љутков“, велат од партијата.
Левица најостро ги осудува игрите со културните работници кои траат со години и му порачува на министерот за култура дека не треба да им се извинува на вработените во културата туку да постапи според законските одредби за усогласување на платата според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура.
Македонија
Времето утре претпладне сончево, попладне пороен дожд и грмежи

Времето утре претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне променливо облачно, на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирана појава на град, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса во текот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.