Се крои нов закон за ангажирање на сезонски работници
Работниците кои се ангажирани за земјоделска дејност, вработени во хотелите или друг тип на приватно сместување, помошнички во домот, бејбиситерки и хигиеничарки освен што ќе добиваат хонорар за својата работа ќе може да добијат и придонеси за социјално и пензиско осигурување.
Предлог законот кој го подготвија пратеници и од власта и од опозицијата има за цел формализирање на дел од дејностите каде има најмногу сива економија.
Со ова законско решение може да бидат опфатени невработени, вработени лица како и самовработени лица, лица помлади од 18 но под услов да ги исполнуваат условите за работа, студенти, странци и пензионери, освен приматели на инвалидска пензија.
Во однос на правилата, сезонските работници во зависност од дејноста ќе може да бидат ангажирани најмногу до 120 дена во текот на една календарска година. Во текот на еден ден ќе може да работат најмногу 12 часа. Тоа што ќе биде дополнителна предност за сезонските работници е тоа што нема да ја изгубат социјалната помош која ја добиваат од државата.
Инаку, Македонија е ена од водечките држави во Европа по стапката на сива економија. Пресметките велат дека земјава годишно губи околу 700 милиони евра по основ на неплатени даноци и останати такси кои треба да завршуваат во државната каса. Неофицијалните податоци велат дека во неформалниот сектор во Македонија работат околу 100 илјади работници најмногу во земјоделство, трговија угостителство и градежен сектор.