Директорот на Интел има инвестиции во стотици кинески компании, од кои дел се поврзани со војската

Назначувањето на Лип-Бу Тан на чело на „Интел“ – водечки американски производител на чипови и партнер на Пентагон – предизвика контроверзии поради неговото длабоко вклучување во кинеската технолошка сцена.

Ројтерс откри дека Тан, преку својата компанија Walden International и поврзани фондови, инвестирал во над 600 кинески фирми, меѓу кои и најмалку осум со врски до Народноослободителната армија на Кина (ПЛА).

Иако САД не забрануваат вакви инвестиции освен во конкретно санкционирани компании, многу аналитичари и инвеститори сметаат дека ваквата мрежа на интереси може да биде проблематична – особено бидејќи „Интел“ има договор вреден 3 милијарди долари со Министерството за одбрана на САД.

„Ова е чувствително прашање што бордот на Интел мора сериозно да го разгледа,“ изјави професорот Стивен Дајмонд.

Тан е познат како инвеститор во кинескиот чип гигант SMIC, денес санкциониран од САД поради наводни врски со кинеската армија. Иако извори блиски до Тан тврдат дека тој се повлекол од повеќето позиции во Кина.

Интел одби да коментира детално за инвестициите на Тан, освен што наведе дека се спроведени сите законски процедури за проверка на потенцијални конфликти на интерес. Сепак, дел од инвеститорите и политички аналитичари предупредуваат дека глобалните геополитички тензии ја прават оваа ситуација особено чувствителна – токму поради улогата на Интел во американската одбранбена индустрија.

Зачлени се на нашиот е-билтен