Јонуз: ДУИ бара начини да ја зголеми својата моќ и работи на деструкција со цел да предизвика предвремени парламентарни избори

Финансиската инјекција која ВМРО-ДПМНЕ ја пушти по општините со унгарскиот кредит дава само поголема сила и спремност да се излезе на терен изјави за „Локално“ Јонуз

од Даниел Ѓорѓиевски
352 прегледи

Шпекулациите за можни разидувања на дел од лидерите во коалицијата ВЛЕН се погласно одекнуваат во јавноста периодов. Името на министерот за здравство Арбен Таравари се споменува во повеќе контексти и наративи кои укажуваат на тоа дека тој е еден од лидерите за кого постои можност да ја напушти коалицијата. Како една од можните причини според наводите е несогласувањето помеѓу Таравари и останатите лидери на ВЛЕН околу настапот на локалните избори. Според шпекулациите, барањето на Таравари било да се настапи на престојните локални избори со засебни листи. Од ВЛЕН најавија партиско собрание на 6-април на кое се очекува главна точка да биде токму иднината на коалиција.

За можни разидувања во албанската владејачка коалиција ВЛЕН  „Локално“ побара мислење од политичкиот аналитичар Агим Јонуз кој смета дека конкуренцијата помеѓу ДУИ како опозиција и ВЛЕН како владејачка коалиција не дозволува никакви варијации на оваа тема. Јонуз смета дека ДУИ бара начини да ја зголеми својата моќ и работи на деструкција со цел да предизвика предвремени парламентарни избори. Тој нагласува дека Таравари нема да се повлече од власта, потенцирајќи дека актуелната албанска политичка сцена не дозволува импровизации. Според него, делот од коалицијата во владата, кој потекнува од албанскиот блок, нема да дозволи криза.

„Таравари нема да се повлече од власта. Прво, корелацијата на албанската политичка сцена не дозволува импровизации од актуелната албанска власт. Делот од коалицијата во владата, од албанскиот блок, нема да дозволи криза, бидејќи да го наречеме тоа натпревар, конкуренцијата помеѓу ДУИ како опозиција и ВЛЕН како владејачка коалиција не дозволува никакви варијации на оваа тема. Причината е што ДУИ чека да ја зголеми својата моќ и да работи на деструкција, со цел да предизвика предвремени парламентарни избори“, изјави Јонуз.

Јонуз смета дека политичката можност за продолжување на владеењето на актуелната коалиција ќе зависи од резултатите кои ги испорачува на терен. Според него, ако работите одат според предвиденото и ако се реализираат согласно програмата, нема да има ниту причина, ниту сериозна можност за растурање на коалицијата со ВЛЕН, и формирање на влада помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.

„Политичката можност за владеење на актуелната коалиција ќе зависи од резултатите кои ги испорачува на терен. Ако работите одат според предвиденото и ако се реализираат на начин како што е предвидено во програмата, тогаш нема ниту причина, ниту сериозна можност за растурање на коалицијата со ВЛЕН, ниту пак за истапување со власт во која само македонските партии би формирале влада“, смета Јонуз.

На прашањето дали уставните измени, односно нивното неносење, можат да бидат пресудни за оваа Влада, Јонуз смета дека тоа зависи од притисокот на меѓународната заедница. Тој нагласува дека фактор е и самото работење на владата, односно исполнувањето на задачите кои се потребни за членство во Унијата.

„Тоа зависи од притисокот на меѓународната заедница, но и од работењето на владата. Доколку се реализираат реформите, сè е можно“, дециден е Јонуз.

Јонуз не верува во можноста за слабеење на владејачката коалиција, истакнувајќи дека нејзината инсталација на терен се зацврстува од ден на ден. Според него, финансиската инјекција што ВМРО-ДПМНЕ ја пушти по општините со унгарскиот кредит дополнително ја зголемува силата и спремноста на партијата да излезе на терен.

„Не верувам, затоа што инсталацијата на владејачката коалиција на терен се зацврстува од ден на ден. Дотолку повеќе што финансиската инјекција која ВМРО-ДПМНЕ ја пушти по општините со унгарскиот кредит дава само поголема сила и спремност да се излезе на терен.“ завршува Јонуз.

Д.Ѓ

Слични содржини