Македонија
Средба Тошковски – Ходулин: Интензивна поддршка од ЕУ преку ИПА проектите за креирање полиција со европски стандарди

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со претставници на Делегацијата на Европската унија, предводени од Стефан Ходулин, раководител на Одделот за соработка и Даница Стошевска, програм менаџер во канцеларијата.
На состанокот беше разгледана досегашната соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Делегацијата на Европската унија во делот на спроведувањето на проектите финансирани преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА).
Од страна на господинот Ходулин беше изразено задоволство од постигнатото во рамките на веќе спроведените проекти кои се имплементираат во министерството и изрази надеж дека посветеноста ќе продолжи со ист интензитет.
Министерот Тошковски во име на Министерството за внатрешни работи и се заблагодари на Делегацијата на ЕУ за досегашната поддршка и потенцираше дека истата е од исклучителна важност за министерството, и дека од наша страна ќе бидат обезбедени сите ресурси со цел максимално и рационално искористување на финансиската поддршка која е наменета за постигнување на европските стандарди во полициското работење.
За време на состанокот исто така се разговараше и за идните проекти кои се дел од Националната ИПА програма за 2025 година и следниот период, по што заеднички беше донесен заклучок дека ќе се продолжи со интензивни активности во наредниот период со цел финализирање плановите и проектите како основа за идното програмирање и обезбедување на сите неопходни предуслови од страна на министерството за внатрешни работи и целосна посветеност во нивната подготовка.
Двајцата соговорници изразија уверување и подготвеност за продолжување на одличната соработка и во иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Стојаноски: Со новиот Закон конечно ставаме крај на праксата на неформално вработување

Со новиот Закон за работно ангажирање на лица односно за сезонско и привремено ангажирање, предложен од ВМРО-ДПМНЕ, а поддржан од повеќе парламентарни партии, конечно ставаме крај на долгогодишната пракса на неформално вработување, – за првпат по повеќе од три децении, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Со законот, додаде тој, овозможуваме флексибилност, со цел работодавачите да можат да пријават лица кои се ангажирани на периодична или сезонска работа, а работниците да ги уживаат сите законски права, вклучувајќи пензиски и здравствени придонеси.
„Ова креативно законско решение е од особена важност за сезонските работници во земјоделството, угостителството и сервисните дејности. Важно е и за студентите, за средношколците, за само-вработените, за вработените, пензионерите, за земјоделците. За да имаме особено квалитетен закон, во Собранието за него одржавме и јавна расправа, на кои беа прифатени забелешки од Управата за јавни приходи, Агенцијата за вработување, Министерството за економија и труд, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за образование како и експерти и невладини организации. Подобрувања вметнати преку 33 амандмани, кои дојдоа од различни партии“, појасни Стојаноски.
Дополнително, додаде тој, оние лица кои ќе бидат пријавени преку овој закон, нема да ги изгубат веќе стекнатите права, како социјална помош, надоместок поради невработеност, семејна и старосна пензија, стипендија или правото на редовно студирање.
Стојаноски изјави и дека за непречено спроведување, се проширува надлежноста на Агенцијата за вработување.
„Предвидено е воведување на дигитален регистар и современо софтверско решение што ќе овозможи пријавување на работници преку интернет – брзо и едноставно, за само неколку минути“, рече Стојаноски.
Македонија
Општина Чаир добива 8,7 милиони евра за инфраструктурни проекти

Во просториите на Општина Чаир се одржа прес-конференција на која беше презентирана програмата на инфраструктурни проекти планирани за 2025 година, кои се дел од финансиската поддршка распределена од Владата за единиците на локалната самоуправа.
Беше истакнато дека вкупната вредност на инфраструктурните проекти за 2025 година изнесува околу 8.7 милиони евра, додека проектите кои веќе се во реализација во населбите Дижон, Саат Кула и Серава достигнуваат вредност од над 2.7 милиони евра.
„Преку посветен визуелен материјал, присутните имаа можност одблиску да ги следат конкретните проекти кои опфаќаат модернизација на подземните мрежи, реконструкција на патната инфраструктура, изградба на едукативни објекти како детски градинки, како и создавање нови јавни простори во сите населби на општината“, велат од Општината.
Македонија
(Фото) Злато, сребро, лаптопи, велосипеди и друга стока запленети од Царинската управа при откриени обиди за шверцување

Царински службеници на граничен премин Богородица спречија обид за криумчарење на сребрен накит во вредност од 430.880 денари. Сребрениот накит е запленет, а до едно лице е поднесена кривична пријава до ОЈО Гевгелија за сторено кривично дело криумчарење, извести Царинската управа.
Имено лицето во вечерните часови пред полноќ, на влез на граничниот премин се пријавил со туѓ автомобил за што имал одобрение за управување. Поради сомневање селектиран е за детална контрола, при што во фабричките празнини зад предните бришачи, како и во фабричката празнина зад фиоката пред совозачкото седиште пронајдени се 387 парчиња нараквици, 134 пара обетки и 759 ланчиња. Случајот е предаден во Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги од каде е поднесена кривична пријава.
Царински службеници на граничен премин Дојран спречија обид за нелегален внес на девизи, при што запленети се 9.250 евра. Имено при контрола на автомобил со странски регистарски таблички управуван од грчки државјанин царинските службеници пронашле 19.250 евра, при што согласно Законот за девизно работење му се вратени 10 илјади евра, а останатите се запленети.
На граничен премин Табановце во изминатиот период беа спречени обиди за криумчарење злато, лаптопи како и друга вредна стока:
Странска државјанка се обидела со изнајмен автомобил во кој патувала како сопатник да шверцува златен накит вреден 600 илјади денари. Во обидот е спречена од царинските службеници, кои при контрола на автомобилот во чантата во нејзина сопственост пронајдоа разновиден златен накит со тежина од 200 грама. Станува збор за една круна, ланче со три монети, ланче со седум монети, две ланчиња со пет монети, ланче со единаесет монети и две нараквици. Против неа е поднесена кривична пријава.
Царинската служба за мобилен скенер на влез во државата на граничен премин Табановце, заплени 284 парчиња облека, откако истите ги пронајде при контрола на камион со бугарски регистарски таблички. Случајот е откриен откако при скенирање на камионот со мобилен скенер е утврдено дека во камионот има неправилности, по што е направена физичка контрола и се пронајдени непријавените парчиња облека.
Во друг случај на царинска испостава Табановце мобилен царински тим заплени и 1.500 пара чорапи со потписот на „Најк“ откако истите ги пронајде при контрола на камион пријавен за транзит. При контрола на камионот е утврдено дека покрај останатата стока која била уредно декларирана има и стока која воопшто не била опфатена со царинските документи.
Струмичанец се обидел да криумчари во државата 6 употребувани велосипеди, 13 употребувани лаптопи, 2 компјутери за мотор и 30 крстачи за кардан. Во обидот е спречен од мобилен царински тим кој при контрола на комбето со кое управувал ја откри непријавената стока. Имено на прашање на царински инспектор дали има нешто да пријави лицето одговорило дека има скара, скала, агрегат, прскалка, при што поради сомневање е селектиран за контрола и во четири вреќи и патни торби се пронајдени непријавените производи.
Скопјанец се обидел преку граничен премин Табановце во државата да шверцува 180 парчиња различни шминки, над 40 парчиња женски шорцеви, како и разна друга стока. Во намерата го открија царинските службеници кои поради сомневање го селектираа за детална контрола при што во патничкото комбе со кое управувал се пронајдени непријавените производи за кои требал да плати давачки, соопшти Царинската управа.