Македонија
Мицкоски до Беџети: Никого не сум обвинил предвреме, Обвинителството ќе се произнесе за пожарот во Кочани

Колку што сум информиран од страна на Министерството за внатрешни работи, истрагата сè уште е во тек и претпоставувам по службена должност комуницира со ОЈО и во рамките на таа истрага дека или ќе има или ќе нема нови елементи, ќе видиме, ОЈО ќе се произнесе, му одговори претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на пратеникот од ДУИ, Блерим Беџети, на денешната собраниската седница за поставување пратенички прашања во однос на трагедијата во Кочани.
Мицкоски потенцира дека ОЈО треба да ја заврши истрагата и да се утврди дали приведените лица имаат сторено криминал или не, посочувајќи му дека тој не може да обвинува никој како што Беџети вели дека обвинувал предвреме.
„Јас никогаш не се изразив така како што вие велите, да осудам предвреме, иако и јас лично и како политичка партија, но и голем дел од нас знае што значи да се биде жртва на таков тип на политички квалификации, сме го почувствувале тоа изминатите 7 години. Знаеме точно тоа како изгледа и не би сакале никому да му го правиме бидејќи за нас важи едно правило, не им го прави на луѓето она што не сакаш тебе да ти го прават.
Така што, истрагата е во тек, ОЈО претпоставувам ќе се произнесе кога ќе ја заврши и доколку ја заврши оваа истрага, претпоставувам, а и вие како правни лица многу подобро од мене и повешто го знаете, ќе се произнесе дали лицата што во моментот се обезбедени имаат основано сомневање за сторено кривично дело или немаат. Јас не би навлегувал во детали ниту, пак, би обвинувал, а не сум ни обвинувал, како што вие велите“, му порача Мицкоски на Беџети.
Мицкоски истакна дека вакви фалсификувани лиценци издадени од секторот угостителство под Министерството за економија и труд се утврдени од страна на Државниот пазарен инспекторат во целата држава.
„Точно е тоа дека јавно кажав оти е возможно да влијаам на истрагата ако кажам дека постои фалсификуван документ, односно лиценца за истиот клуб во кој се случи овој трагичен настан. И точно е дека откога се провери во архивата на Министерството за економија и труд, под тој архивски број е заведен поинаков документ. Јас не го измислив тоа, тоа го покажа сопственикот на клубот во текот на самата истрага. Дали тоа ќе влијае позитивно или негативно – не знам, исто како што, господине Беџети, ДПИ и Министерството за економија и труд констатираа дузина вакви слични документи за други клубови во Македонија.
Еве, ако влијаеме селективно, како што вие велите во овој клуб, тогаш што е со другите дузина вакви документи за дузина вакви ноќни клубови во целата држава“, праша Мицкоски и посочи дека таквите документи биле издавани од страна на Министерството за економија, односно Секторот за угостителство.
Мицкоски нагласи дека од 2008 година министер за економија е лице на предлог на политичката партија на ДУИ.
„Од 2008 година па наваму министри биле на предлог на ДУИ и ако се види почетокот на овој клуб кога почнува да функционира, во 2012 или 2013 година, повторно министер во ова Министерство бил предлог на ДУИ. Од тогаш па натаму додека постоел овој клуб, министер бил на предлог на ДУИ. Се поставува тогаш прашањето кој ги потпишувал и кој ги издавал овие документи, таму стои по овластување на некого, овластување на министерот, а некои и своерачно ги потпишувал министерот, но тоа ќе оставиме да покаже истрагата и да даде одговор“, вели Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ССМ на состанок во Влада: Дојдовме да им кажеме на функционерите дека треба да живеат на минималец ако не ги зголемат платите

Делегација од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) точно напладне влезе на состанок со претставници од Владата. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, рече дека не знае зошто сега се состануваат, но кажа дека има пораки кои ќе им ги пренесе на владините претставници.
„Добивме повик од Владата дека денес треба да одржиме состанок. ССМ дојде денеска да ја праша Владата до кога планира работниците да чекаат зголемување плати. Иако немаме информација за што точно ќе биде состанокот, гледаме дека и колеги од други синдикати, кои за жал избегаа од камерите, ќе присуствуваат на состанокот. Дополнително, ќе им кажеме на владините функционери дека едногласно донесовме одлука на јавната седница на органите и телата на ССМ доколку не ги зголемат и минималната плата и платите на сите работници и доколку 12, 6 % не се зголемат платите во јавниот сектор, дека ќе треба да поживеат на минималец“, рече претседателот на ССМ Трендафилов и најави ново известување откога ќе заврши состанокот.
Пред точно една недела ССМ за да го искаже револтот од тоа што Владата без синдикални претставници ја зголеми минималната плата на 400 евра место на 500 какво што беше барањето на синдикатите, на јавна седница која се одржа пред Собранието, пред Стопанската комора и пред Владата изгласа платите на функционерите да се намалат на 500 евра се до новото покачување на минималната плата.
Македонија
Детали за случајот со Геријатрија: Директорот знаел дека пациентот е богат, барал 100.000 евра за да го смести во болницата

Директорот на болницата за Геријатрија, Мухсин Арифи, кој е осомничен за поткуп, знаел дека пациентот кој требало да се смести во установата бил богат и барал 100.000 евра поткуп. Кога роднината на пациентот кажал дека тоа се многу пари, директорот предложил до сумата да се дојде преку продажба на стан кој го поседувал пациентот. По неколку средби, сепак, било договорено роднината да даде 20.000 евра за да смести болното лице во болницата.
Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција објави детали за случајот. Од таму соопштија дека е побаран притвор за две лица, односно за директорот Арифи и за уште едно лице што му помагало.
Првоосомничениот, односнот директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, во периодот од 19.03.2025 до 08.04.2025 година, во неколку прилики директно побарал значителна имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што би морал да го изврши.
Поткупот го побарал од сведок во постапката – давател на доживотна издршка за лице кое боледувало од повеќе состојби и на кое по лекарски препораки и упатување му било потребно болничко згрижување во наведената установа. Кога сведокот се обратил во установата бидејќи состојбата на пациентот се влошувала, била известена дека пациентот е ставен на листа за чекање за прием.
По неколку дена добила повик од второосомничениот, кој и закажал средба со директорот на Установата на 19.03.2025 година во вечерните часови во еден угостителски објект во Скопје.
На средбата, првоосомничениот лично кажал дека знае оти пациентот е материјално добро ситуиран, за што имал податоци и за недвижниот имот кој го поседува, па ветил помош за сместување ако биде награден со 100.000 евра. Жената-сведок реагирала дека тоа се многу пари, на што директорот предложил до бараната сума да се дојде преку продажба на недвижниот имот – стан кој го поседувал пациентот, што не било опција бидејќи станот бил опфатен со договор за доживотна издршка.
На 03.04.2025 година била реализирана средба меѓу сведокот и помагачот, како лице во кое директорот имал целосна доверба, а на 04.04.2025 година повторно сведокот се сретнал со двајцата осомничени. Конечно било договорено сведокот да даде 20.000 евра како гаранција за да го смести пациентот во болницата, а доколку првоосомничениот „со проверки“ утврди дека пациентот има и дополнителен недвижен имот тој имот да се продаде за да се обезбеди вкупно побараниот износ од 100.000 евра.
Согласно овој договор, на 08.04.2025 година жената-сведок се сретнала со второосомничениот, кој влегол во нејзиното возило и во име на директорот директно примил износ од 20.000 евра, по што на лице место бил фатен од страна на полициските службеници.
Македонија
895 сообраќајни прекршоци вчера на територијата на целат држава, 273 за брзо возење

На подрачјата на осумте Сектори за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден полициските службеници во рамки на интензивните сообраќајни контроли издадоа вкупно 895 платни налози, по преземени мерки по основ на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и по основ на Законот за возила, извести МВР.
„По однос на изречените прекршочни санкции и натаму најголемиот број изречени прекршоци против возачи се однесуваат на непрописно паркирање 299, а 273 се однесуваат на непочитување на брзината на движење. Потоа следат прекршоците по основ на непоседување на возачка дозвола 67, па прекршоците за некористење на сигурносен појас 54, за користење на мобилен телефон при возење 21, како и 11 прекшоци што ги сториле пешаци.
Во рамки на контролите, во девет случаи евидентирано е минување на возило на црвено светло, 12 возачи управувале возило под дејство на алкохол, а евидентирани се и 17 нерегистирани возила како и седум возила кои што биле технички неисправни согласно ЗВ“, соопштуваат од МВР и додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.