ОЈО: Се вршат распити, се прават вештачења и анализи на голем број документи од повеќе институции за пожарот во Кочани
Речиси една недела од обвинителство без детали до каде е предистражната постапка за случајот - дискотеката на смртта.
Оттаму велат дека секојдневно се преземаат истражни дејствија за обезбедување на докази, но какви не се во можност да откриваат - за како што посочија се зачува тајноста на постапката.
„Јавните обвинители од тимот кој ја води предистражната постапка континуирано преземаат повеќе истражни дејствија за обезбедување докази. Такви дејствија, кои вклучуваат распити, анализи и вештачења од голем обем и во однос на повеќе различни институции се во тек и денеска. Меѓутоа, за да се зачува тајност на постапката и да се спречи компромитирање на доказите обвинителството не е во можност во моментов да открива повеќе детали за активностите, соопштија од ЈО.
Позади притворски решетки се 31 лице од кои 7 се припадници на полиција, но ниту еден од нив не е актуелен службеник и функционер на МВР. Актуелните полициски началници и командири на СВР Штип и ОВР Кочани само се разрешени од нивните работни позиции.
Поранешниот началник и експерт за безбедност, Љубомир Ѓурчевски смета дека досегашната истрага не треба да да се политизира. Дали има селективност во истражната постапка прашање кое изминативе десет дена се поставува во јавноста е рано да се каже. За селективност може да зборуваме откако ќе биде поднесен јавнообвинителниот акт кога јасно ќе се види дали некој е изземен од целиот случај. Лично смета дека треба да биде проширена истрагата и за актелните припадници на МВР - кои сега се разрешени од нивните функции.
Универзитетскиот професор по криминалистика Ќебир Авзиу вели дека предистражната постапка оди во добра насока, но според него истата треба да биде повеќе насочена и кон актуелните функционери и службеници на МВР.
За најголемата трагедија во поновата историја што се случи во Македонија отворени се две истраги. Едната ја води Државното обвинителство кое ги чешла институции поврзани со документацијата и работењете на дискотеката.Тука опфатени се 27 луѓе, од кои 24 се во притвор. Другата истрага е во рацете на Обвинителството за организиран криминал. Во неа опфати се седум поранешни началници и командири од Штип и Кочани кои дале согласност за лиценцата на „Пулс“. И тие завршија во притворското одделени во Шутка.