Од статија која не е официјално објавена, а ја имаат откриено од 9to5Mac, дознаваме дека App Store ќе почне да прикажува сумирана верзија од сите оставени рецензии за апликациите.
Една ваква функција очекувано доаѓа по пуштањето на Apple Intelligence, а сумирањето на текст е една од основните и доста често користени функциите кои ги донесе генеративната вештачка интелигенција.
Сумираните рецензии ќе се менуваат соодветно кога корисниците ќе оставаат дополнителни рецензии, а програмерите ќе можат да пријават до Apple доколку сметаат дека сумираната верзија не е точна и соодветна.
Според информациите, оваа новина ќе биде достапна во одредени земји и на одредени јазици, па логично е да се претпостави дека достапноста ќе биде поврзана со достапноста на Apple Intelligence.
Сумирањето на рецензиите ќе се прави од страна на Apple, па за тоа нема да се користи самиот уред на корисникот, односно рецензиите ќе бидат дел од продавницата за апликации.
Дел од текстот до кој имаат дојдено од 9to5Mac го дава следното објаснување за новата функција:
„ Една апликација може да има смирање кое ги истакнува најчестите повратни информации од корисниците и нивното мислење во рецензиите за апликацијата. Сумирањето се ажурира како што се додаваат нови рецензии. Сумирањето е достапно во одредени земји и региони и за апликации со доволно рецензии за да обезбедат сумирање. Тие се појавуваат на страницата на производот на апликацијата. Ако сумирањето е неточно или има друг проблем, можете да пријавите проблем.“
Оваа новина ќе им овозможи на корисниците да добијат доста подобра претстава за апликацијата која ја разгледуваат и да одлучат дали вреди да се инсталира. Уште поважно, ваквата функција ќе овозможи доста полесно откривање на лажните апликации, како и тие со доста лош квалитет.