Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска смета дека излевањето на Маркова Река е поради тоа што општинските власти не ги чистат каналите. Тврди дека оваа активност е нивна законска обврска, која треба континуирано да се спроведува за да се спречат вакви несреќи. Притоа, Арсовска го обвини градоначалникот на општина Кисела Вода за, како што вели, лажен хероизам.
„Џабе се слика со лажен хероизам градоначалникот во заминување Орце Ѓеоргиевски, кој освен со сликање со друго не може да се пофали. Наместо навремено да реагира и да го спречи излевањето на реката тој избра да глуми спасител со лажен хероизам и да се фотографира на терен, без да признае дека проблемот е создаден токму поради неговата негрижа.
Со превенција се спречуваат поплави, не со глумење спасител за проблемите кои градоначалникот на општината сам ги дозволил. Проблемот од Батинци поради неодржување на каналите се прелева кон Скопје, а Противпожарната бригада на Град Скопје и екипите на ЈП Водовод и канализација активно работат на терен. Само немаат време да се сликаат“, напиша Арсовска на социјалните мрежи.
Градоначалникот на Кисела Вода вчера обвини дека сите институции не си ја вршат својата работа и го впери прстот во градската администрација.
-…Со акцент на градот Скопје од кој лично имаме побарано во неколку наврати да се среди речното корито но, од страна на градоначалничката во заминување ни беше одговорено дека немаат предвидено средства за тоа. Замислете…, објави меѓу другото Ѓорѓиевски.
Поради врнежите од дожд, во текот на доцните попладневни и вечерните часови, дојдено е до зголемување на нивото на Маркова Река поради што истата е излеана преку мостот кај населено место Љубош и низводно, и дојдено е до поплавување на неколку куќи, магацини и индустриски објекти во селата Студеничани и Батинци, како и делови кон Пинтија. Исто така пријавено е и поплавување на дел од булевар „Борис Трајковски“ кај населба Пинтија, каде исто така имало пријави за поплавени магацини.
Надлежните служби се на терен и работат на враќање на реката во нејзиното корито, додека локалните власти уверуваат дека нема опасност за населението.