Средношколците од СОУ „Гимназија „Кочо Рацин“ од Велес во рамките на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“ денеска организираа марш „Младината против врсничкото насилство“ на кој учествуваа ученици од некои од велешките средни и основни училишта.

Учесниците со транспаренти мирно продефилираа на релација Гимназија „Кочо Рацин“ преку Младинскиот парк до Главната Пошта и кружно назад до гимназијата. Учениците носеа и беџеви со пораката „Безбедно училиште, среќни ученици!“

- Со овој мировен марш сакавме да потенцираме да се намали насилството меѓу учениците. Се надеваме дека пораките кои ги упативме позитивно ќе влијаат кај нашите и останатите ученици во градот, изјави за МИА, еден од организаторите, професората Жанет Јанев Сарагиноски.

Учениците,учесници на мировниот марш, велат дека за жал и понатаму секојдневно има врсничко насилство во училиштата. Но, признаваат дека само малку од нив презеле нешто да го спречат, а најголем дел од нив биле само неми посматрачи на насилството, без да реагираат до професорите и надлежните служби во школото. Сепак, имало и такви случаи кога навреме реагирале и го пријавиле врсничкото насилство до надлежните во училиштата.

Професорката Јанев Сарагиноски информира дека во рамките на проектот во изминатите неколку месеци нивните ученици спровеле четири едукативни работилници во четирите основни училишта во градот. Во тие работилници средношколците ги запознале основците како да препознаат врсничко насилство и како веднаш да реагираат, а да не бидат само неми посматрачи и со тоа и поддржувачи на врсничкото насилство.

-Целта на работилниците беше нашите ученици да им посочат на помалите на основците, што е врсничко насилство и како да се спречи.Целтта беше да им посочат да не бидат дел како учесници,како соучесници или посматрачи. Им посочија дека тие се тие кои треба тоа да го спречат насилството меѓу врсниците, а со тоа што ќе пријават навреме кај класниот, педагози, психолози односно стручната служба во училиштата, а се’ со цел навреме да се спречи врсничкото насилство меѓу учениците, потенцира Јанев Сарагиноски


Администратор
03/04/2025 06:11