Кога зборуваме за примена на вештачка интелигенција за создавање видео (од текст или слика), не можеме да ги заобиколиме Runway. Тие вчера овозможија ран пристап до моделот Gen-3 Alpha, нов модел за генерирање видеа кој нуди значителни подобрувања во споредба со претходните верзии.
Скоро ги тестиравме моделите Haiper, Genmo, Pika, Pixverse, Runway Gen-2 и LumaLabs, нашите претходни експерименти може да ги видите тука.
Штом излезе Runway Gen-3 Alpha го пробавме. Ова е нашиот експеримент, а деталите се објаснети подолу. Трејлерот е инспириран од книгата „Апокалипса.мк“.
NO ESCAPE FROM SKORNE – Official Trailer | In Theaters Soon!
Gen-3 Alpha овозможува создавање на видеа со повисока резолуција, конзистентност и брзина, што резултира со пореални и детални видеа.
Напредни карактеристики и контрола на Runway Gen-3
Gen-3 Alpha користи напредни контролни режими, овозможувајќи креативна флексибилност и прецизност при креирање содржина. Трениран е на широка база на видеа и слики, овозможувајќи детални и експресивни човечки карактери и имагинативни транзиции. Ова го прави идеален за создавање на визуелно импресивни наративи и креативни проекти.
Примена
Gen-3 Alpha може да се користи во филмската индустрија, маркетингот, образованието и игрите, каде што е потребна висококвалитетна и конзистентна визуелна содржина. Gen-3 Alpha може да генерира реалистични движења и комплексни сцени, што е идеално за филмски продукции и реклами. Во образованието, може да се користи за создавање на интерактивни образовни видеа.
Нашето искуство
Сето ова звучи идеално, но не е. Создавањето видеа не е толку лесно. Да се натера програмата еден лик да биде конзистентен е навистина тешко, а морфирањето е честа појава. (Иако, за волја на вистината, многу помалку отколку во претходните верзии.) Исто така многу често добиениот резултат не одговара на наредбата или ќе добиете само дел од наредбата.
Тоа што треба да се земе во предвид е дека со стандардна претплата добивате 600 кредити, а за 5 секунди генерирање видео со Gen-3 ќе потрошите 50 кредити. Во основа можете да генерирате 12 видеа (60 секунди) со една месечна претплата, што воопшто не е доволно. Со непредвидливоста на овие генератори една сцена може да се пробува и по 3-4 пати.
Но, независно од ограничувањата сцените кои се добиваат се кинематографски и комплексни. Ако имате среќа програмата ептен да ве послуша ќе се израдувате како дете зашто вашата визија станала реалност.
Очекувајте филмче наскоро!