Претседателот на Националниот образовен синдикат (NEU) повика на законска забрана за мобилни телефони во училиштата, наведувајќи го „штетното влијание“ врз младите луѓе, пишува The Guardian.
Најава за построги прописи
Истражувањето, нарачано од детскиот комесар за Англија, Рејчел Де Соуса, покажа дека директорите на училиштата брзо воведоа забрани за користење на паметни телефони за време на часовите.
Истражувањето опфатило повеќе од 15.000 училишта и покажало дека 99,8 отсто од основните и 90 отсто од средните институции вовеле некаква забрана.
Годишната конференција на NEU следната недела ќе ги разгледа предлозите кои повикуваат на построга регулација на социјалните медиуми за отстранување на штетните содржини, вклучувајќи насилство и закани врз жените.
Варијации во видот на забраните
Министерката за образование Бриџит Филипсон рече дека за мобилните телефони „апсолутно нема место во училниците“ поради потенцијални одвлекувања.
„Иако ова сеопфатно истражување покажува дека нашата поддршка за директорите на училиштата да воведат забрани во нивните институции функционира, ториевците се занимаваат само со наоѓање наслови во весниците, без оглед на реалната ситуација на теренот“, рече таа.
Истражувањето на училишната политика покажало дека има одредени варијации во видовите на забрани. Повеќето основни училишта бараат од учениците да ги предадат своите телефони на наставниците или да не ги носат на училиште.
Сепак, 79 отсто од средните училишта им дозволуваат на учениците да чуваат телефони, но им забрануваат користење, додека осум отсто бараат од нив да ги предадат телефоните, а само три отсто им забрануваат на учениците да носат телефони на училиште.
„Мораме да ја ограничиме штетата“
Детскиот комесар истражувал колку време децата на возраст од осум до 15 години поминуваат на телефони, таблети или компјутери, при што 23 отсто рекле дека поминуваат повеќе од четири часа дневно, додека 20 отсто трошат помеѓу три и четири часа.
Де Соуса истакна дека овие деца „не го прават тоа додека се на училиште“.
„Ако сме сериозни да им помогнеме на децата да ги искористат многуте придобивки на интернетот, треба сериозно да се зафатиме со регулирање на она што тие можат да го видат, каде можат да го видат и да ја ограничиме штетата што технолошките компании во моментов ја предизвикуваат на нивното здравје, внимание и безбедност“, заклучи таа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата