Москва и Вашингтон почнаа разговори за заеднички проекти за ретки метали во Русија, а веќе има компании кои изразија интерес. Ова го изјави инвестицискиот претставник на Русија во коментар за весникот „Известија“, цитиран од „Reuters“.
Според Кирил Дмитриев, специјалниот претставник на Кремљ за меѓународна економска и инвестициска соработка, разговорите веќе се започнати.
Во услови на напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да стави брз крај на војната во Украина, соработката за ретки метали стана клучна тема. Во февруари, рускиот претседател Владимир Путин рече дека САД би можеле да бидат заинтересирани за заеднички развој на наоѓалишта на ретки метали во Русија – која е петта по големина резерви на метали што се користат за технологии како што се електрични автомобили и воена опрема.
„Металите кои ретко се наоѓаат во земјата се важна област на соработка и, се разбира, започнавме дискусии за различни проекти за ретки метали и (други) проекти во Русија“, рече Кирил Дмитриев, кој е и извршен директор на Рускиот фонд за директни инвестиции.
„Некои компании дури веќе покажаа интерес за проектите“, рече Дмитриев, кој беше дел од рускиот преговарачки тим за време на официјалните разговори со САД во Саудиска Арабија во февруари. Сепак, тој не прецизираше за кои компании станува збор и не откри други детали.
Во неделата, Трамп рече дека е лут на Путин и дека ќе воведе секундарни тарифи од 25% до 50% за купувачите на руска нафта, доколку почувствува дека Москва ги блокира неговите напори да стави крај на војната во Украина.
Контролата на Кина над 95% од светското производство и снабдување со ретки метали, клучни за индустриите како одбраната и електрониката за широка потрошувачка, го натера остатокот од светот да се фокусира на развивање на сопствени синџири на снабдување.
Според американскиот геолошки институт, руските резерви на ретки метали изнесуваат 3,8 тони, но според Москва, проценката е многу поголема. Според руското Министерство за национални ресурси, земјата има наоѓалишта на 15 такви метали во вкупна вредност од 28,7 милиони тони на 1-ви јануари 2023-та година и 3,8 милиони тони се развиените и подготвени за развој на наоѓалишта.
Според весникот „Известија“ за соработката меѓу земјите може дополнително да се разговара на следната рунда американско-руски преговори, што може да се одржи во средината на април во Саудиска Арабија.