Општество
Кочо Рацин, филозоф и историчар
Светлана Поп-Дучева | Авторот е доктор на Филозофски науки
Економија и бизнис | печатено издание | 01 февруари 2025г.
Обемна е анализата на животот и на делото на Коста Солев Рацин, основоположник на современата македонска поезија и книжевност. Современата литература, од публицистиката, па сè до научната мисла − книжевна историја и филологија − изобилуваат со дела посветени на Рацин како дома така и надвор од границите. Во воведниот збор на неодамнешната промоција на делото „Поглед отстрана, Рацин (1908 − 1943)“, д-р Горан Калоѓера, како надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите, пишува: „Рацин беше карпа, брана, првоборец во уметничкиот израз на мајчиниот јазик, потпора и надеж за многумина, пример за идеален револуционер и на крајот жртва. Беше човек визија, предвидел многу историски настани кои, за жал, се обвистинија. Тој беше најчесното и најчестито нешто што го имаа Македонците во периодот меѓу двете војни.“
Сепак, тоа што е помалку познато за Рацин, освен на стручната јавност, но не и пошироко, е податокот дека Рацин покрај тоа што е поет, книжевник, есеист, тој е и филозоф и историчар. Да, тој е лишен од формално образование поради историските и социјални околности, но Рацин, сепак, успева да ги посетува семинарите по филозофија на тогаш новоотворениот Оддел за филозофија во Скопје, кој започнал со работа на 1 ноември 1920 г. како самостојна единица на Филозофскиот факултет од Белград. Заедно со својата четврта по ред љубов, студентка по филозофија и по германистика, Руменка Хаџи Панзова, сестра на Благој Хаџи Панзов кој му бил близок соработник и сопартиец, Коста ги слуша семинарите на проф. Душан Недељковиќ кој ги држи на Одделот за филозофија во Скопје, кој подоцна со указ на Президиумот на АСНОМ, во 1946/47 г., во македонската држава во рамките на Југословенската Федерација се обновува и продолжува со континуитетот на работа од пред војната како Катедра и Институт по филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје. Како резултат на запознавањето на Рацин со филозофијата, следат серија текстови кои се објавени неколку години подоцна. Имено, Коста бил хегеловец. Напишал низа текстови посветени на филозофијата на Хегел и тоа во време кога малку што било познато за главниот претставник на германската класична филозофија. По повод 100 г. од смртта на Хегел, кој пак е инспирација и учител на Маркс, го напишал делото „Г. В. Ф. Хегел“, објавено во списанието „Литература“, 1931, Загреб, како и делото „Значењето на Хегеловата филозофија“ објавено за Млада култура, Белград, 1939. Рацин, иако самоук, со висока мисла и разбирање пишува за филозофскиот систем на Хегел кој е еден од најкомплексните во историјата на западната рационалистичка филозофија. Покрај филозофската дејност, Рацин се пројавува и како историчар. Со посебен интерес пишува за богомилското движење кај својот народ. Напишал три труда за „Драговитските богомили“, „Богомили“ и „Селското движење на богомилите во средниот век“. Од трите труда само еден е објавен за време на Рациновиот живот, во 1939 г., во списанието „Народна читанка“, напишан на македонски. Во есејот „Драговитските богомили“ пишува: „Нашата народна култура, нашиот богат народен фолклор, е неисцрпна духовна ризница на нашиот народ низ многу мрачни векови на искушение – повеќе се дело од влијанието на богомилството одошто од влијанието на православието. Повеќе се во нив одразени немирот и трезноста на богомилството, одошто слепата вера и укоченост на православието. Христијанството кај нас отпрвин беше против народот. Тоа е проповедано како нова вера со цел да го оправда новото социјално устројство, феудализмот. Тоа доаѓало во судир со сите правни, социјални и морални појави кај народот. Притоа сувата, апстрактна, безживотна догматика на византиското христијанство одвај можеше да го загрее срцето на народот. Само богомилите успеаја со својата жива и народна интерпретација на христијанството... Затоа и богомилството беше народно и се поддржуваше од народот, додека православието беше туѓо и се поддржуваше особено од вишето свештенство и болјарите. И затоа и културните традиции на богомилите се наши најубави историски традиции. Има ли во нашето народно минато повозвишена појава, повозвишен идеал и посветла цел но што е богомилската?“
Главен и основен извор за богомилското движење од X век е „Беседата против богомилите“ од Презвитер Козма, напишана со цел да се оттргнат масите од движењето. Според Козма, прв учител и распространувач на богомилството е поп Богомил, роден во селото Богомила. Богомилите − на Бога мили − учеле дека постои борба меѓу доброто и злото и дека на крајот ќе победи доброто. Богомилството е дуалистичко учење бидејќи верувале во постоење на два бога, добар и лош. Првиот е бестелесен и духовен, значи непојавен и невидлив, а вториот е телесен, материјален, видлив и оттука олицетворение на злото. Христос за богомилите е дух, но не и човек роден од жена, поради што го отфрлаат крстот за свој симбол бидејќи на него настрадал Исус. За нив, придржувајќи се до Десетте божји заповеди, а едната се однесува на забрана од идолопоклонство, сите црковни објекти, манастири, симболи, икони и сл. биле израз на идолопоклонство. Богомилството во Македонија било најмногу реакција на тогашниот строг феудален систем во кој црквата се здобила со голем имот поради што богомилите биле насочени против световните феудалци, како и против владетелите. Богатите, сметале богомилите, им биле прислужници на ѓаволот, вклучително и свештенството, и како негови прислужници тие биле олицетворение на злото кое се спротивставува на Бога. Брзото ширење на богомилското движење го принудило царот Петар, под инструкции на цариградскиот патријарх Теофилакт, да го забрани богомилството – тие биле жестоко прогонувани и казнувани и спред известувањето на Козма, настрадале илјадници богомили, а книгите и писанијата им биле спалени и уништени. Сепак, тоа не било пречка и натаму да се шири учењето меѓу народот и да стане општонародно.
Кочо Солев Рацин како поет и мислител, филозоф и историчар, го слушал пулсот на својот народ и со силата на духот, со поетска душа и со висок интелект, авангардно, дава немерлив и непроценлив придонес не само за македонската историографија туку и за филозофската култура и традиција во Македонија.